Министерот за култура Хусни Исмаили присуствуваше на свеченото отворање на 19-тото издание на Меѓународниот саем на книгата во Улцињ, Црна Гора. На церемонијата на отворање освен домаќинот, претседателот на општината Улцињ, Љоро Нрекиќ, присуствуваа и министерот за култура на Црна Гора, Александар Богдановиќ и министерот за туризам и животна средина на Албанија, Бледи Коси.

Во своето обраќање пред присутните гости министерот Исмаили истакна дека овој саем е одлична можност издавачите, авторите и сите учесници на едно место да им ја претстават својата издавачка и творечка дејност на граѓаните на Улцињ, но и на бројните туристи кои го посетуваат овој град во летниот период.

За да се организира безмалку две децении Меѓународниот саем на книгата во Улцињ, значи да се изгради летен културен идентитет на градот кој претставува инспирација за уметниците. Ова е Балканот без граници или европскиот Балкан, за кој сонуваме. Доколку географијата и историјата нè делат, културата е таа што ги надминува границите, затоа што јазикот на културата е надвор од географските, политичките, етничките и верските разлики, рече во своето обраќање Исмаили.

Специјални гости на Меѓународниот саем на книгата во Улцињ каде годинава учествуваат 50 издавачи од сите земји во регионот се писателите Балша Брковиќ и Фатос Конголи.

19-от саем на книгата во Улцињ кој се реализира со поддршка на Министерството за култура на Црна Гора, Центарот за култура од Улцињ во соработка со Општината и Туристичката организација од овој град, како и со Институтот за книга од Тирана, ќе трае до 31 јули.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.