Преку буквите, од тебе нам дадени, сме се описмениле како народ и за Бога и на верата во Бога нѐ научиле. Зашто, преку тебе го научивме словото за Христа Бога. Зашто, големо е делото твое да покажеш дека нема избрани јазици за проповед на големината негова, туку дека најдобар јазик за да го запознаеме Христа е јазикот на кој што сме го изговориле првиот збор во нашите животи. Јазикот кој го разбираме и го зборуваме, а не јазикот за кој што некој и денес, откако пред милениум цел ти ја разби тријазичната ерес, тврди дека е четвртиот во избраните.
Ова денеска го истакна митрополитот европски на МПЦ-ОА г. Пимен во својата проповед пред гробот на св.Кирил во Рим. Потсети на делото на нашиот просветител свети Кирил и изрази благодарност за сите букви што ни ги дал собрани во азбука и за писменоста.
-Ова што денес на мојот македонски јазик пред гробот твој стоејќи молитвено ти се обраќам е плод на писменоста на која си ги научил моите предци. Стојам тука пред гробот твој и знам дека наместо да те радуваме со богатството на јазиците на кои ти се обраќаме, со нашите препирки чиј си и кому си му го оставил писмото и правото неразумно да го чува, те растажуваме, рече г. Пимен.
Тој изрази надеж дека рака еден кон друг ќе си пружиме, исправени во очи гледајќи се, наместо, како што рече, постојано наведнати да бидеме, едните – камен на сопнување пред ногата на братот да поставуваме, а другите – да се наведнуваме за тој камен од патот кон него да го тргаме.
– Премногу си голем, за ние малите по срце да те присвојуваме и љубоморно на другите право на чествување, како свој, да не им даваме, рече г. Пимен
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.