На претпоследниот ден од 22 издание на „Скопје филм фестивал“, вечерва во киното „Фросина“ и во Кинотеката ќе бидат пркажани вкупно шест фила, а во кафе – кино „Котур“ може да се види последниот дел од програмата на документарни филмови. Во тек е и работилницата „Умешноста на добриот пичинг: подготовка и пракса“, која во организација на Креативна Европа МЕДИА Деск МК и во соработка со Агенцијата за филм се одржува во рамки на фестивалот.

Интензивната тренинг програма која привлече многу посетители во Клубот на пратеници е предводена од Брајан Мекгил, шкотски сценарист, консултант и професор кој повеќе од 25 години пишува ТВ серии за британска и француска телевизија, меѓу кои и наградуваната серија „Taggart“. Мекгил работи како скрипт доктор, бил тутор за пичинзи на програмата ENGAGE – поддржана од Креативна Европа МЕДИА и читач на сценарија во Ирскиот филмски совет. Во својата кариера Брајан Мекгил има добиено награда од Сер Шон Конери, соработувал со продуцентите на филмот Seven и предава сценарио и пичинг на Screen Academy Schotland, Örebro University, Шведска и European Film College – Данска.

На првиот дел од работилницата присуствуваше и директорот на Агенцијата за филм, Горјан Тозија.

Целта на оваа тренинг програма е да ги обучи и подготви македонските продуценти, режисери и сценаристи како најдобро да го пичираат својот проект и да се стекнат со конкретни вештини и знаења за овој специфичен дел од продукцијата на еден филм.

Во рамки на програмата Посебни проекции на Скопскиот филмски фестивал, синоќа во кино Фросина, беше прикажан документарниот филм „Модно фрик шоу” за Жан Пол Готје, еден од највпечатливите француски дизајнери на висока мода, препознатлив по неговите импресивни и субверзивни креации.

Документарниот филм го следи извонредното и амбициозно двегодишно креирање на гламурозното кабаре на Готје за „Фоли Бержер“ (познат кабаре шоу театар во Париз), што ги внесува гледачите во ексцентричниот и често провокативен свет на овој дизајнер. Структурата на шоуто ја следи хронологијата на 40-годишната кариера на Готје, а тој многу отворено зборува за својата животна историја.

Веднаш по проекцијата се одржа дискусија на тема „Модата и родовиот идентитет” со специјалната гостинка Луиз Валенберг, професорка по модни студии во Центарот за модни студии при Универзитетот во Стокхолм и поранешна директорка на Центарот. Нејзините истражувања се фокусираат на родовиот идентитет, сексуалноста, класите и етносот во областа на модата и филмот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.