Изложбата „Ослободување-на-просторот“ ќе биде отворена утре (12. март 2019) во 20 часот.
Проектот и изложбата Ослободување-на-просторот ги отвора прашањата што во последниве години ги наметна насилната преобразба на идентитетот на Скопје. Во популистички агресивната градежна офанзива наречена „Скопје 2014“, што го окупира средиштето на градот со недогледни колони на накитени стиропорни фасади и помпезни бронзени споменици, архитектурата и урбанизмот беа злоупотребени за крајно фриволно располагање со јавниот простор и за заробување, потиснување или негирање на претходните архитектонски достигнувања. Предлогот на кураторите Слободан Велевски и Марија Мано Велевска и четирите тимови архитекти собрани околу проектот Ослободување-на-просторот, кој во организација на МСУ беше претставен во македонскиот павилјон на 16. Интернационална изложба на архитектурата во Венеција во 2018 година, поаѓа од враќањето и новото осмилување на вредностите на слободниот јавен простор во архитектонска и во општествена смисла.
Поставката Ослободување-на-просторот третира четири различни проекти изработени од четири тимови архитекти во соработка со кураторите: Проектот “Непријатна блискост“го реконципира објектот на ЦК СКМ, односно Владата на Република Македонија; Проектот “Повторно поврзување“ го обликува просторот помеѓу комплексот ПОШТА; Проектот “#Ослободување #Поврзување #Прочистување #Репрограмирање“ го третира платото пред МНТ; Проектот “Дестратификација Скопје“ ја преформулира фасадата и содржината на зградата на НА-МА.
Во текот на траењето на изложбата во Музејот на современата уметност ќе биде организирана и трибина, која ќе има за цел да го поттикне дијалогот во јавноста и да побара политички и општествен став околу прашањата иницирани со проектот Ослободување-на-просторот. Датумот и времето на одржувањето на трибината ќе бидат дополнително објавени
Куратори: Слободан Велевски, Марија Мано Велевска
Автори/учесници: Дејан Ивановски, Филип Јовановски, Благоја Бајковски, Марина Торнатора, Лучија Ла Ѓуза, Алесандро Де Лука, Гордан Витевски, Мила Димитровска, Владо Данаилов, Александра Шулевска, Слободан Велевски, Марија Мано Велевска.
Извадоци од уводот во изложбата на кураторите
Марија Мано Велевска и Слободан Велевски:
Среде виорот на глобалните текови и локалните специфични состојби, Ослободување-на-просторот се обидува да одговори и на најконтроверзната тема сеприсутна во архитектонскиот, но и целокупниот јавен дискурс на Република Македонија во изминатите неколку години, директно предизвикувајќи ја екстензивната градежна активност на централното градско јадро на Скопје – прозаично кодирана под името Скопје 2014 (СК 2014).
(…)
Проектот Ослободување-на-просторот развива проектантско-аналитички пресек низ тековната состојба на определени урбани фрагменти во централното подрачје на градот Скопје. Рамката на дејствување предвидува преиспитување на клучни аспекти на СК 2014 и преобмислување на неговите просторните ефекти, преку автономни архитектонски проекти што имаат за цел ретроактивно да ја регенерираат целината на градскиот колектив, поаѓајќи од евидентирање и препознавање на неговите просторни и програмски анкерни точки.
Проектот се базира врз убедувањето дека:
- Скопје 2014 не е проект;
- Единствена вредност на Скопје 2014 е дека тој постои, во материјална смисла;
- Професионалната архитектонска јавност не дава никакви насоки како во просторна смисла треба да го третира „наследството“ што зад себе го остави процесот на реализација на Скопје 2014;
- Соочувањето со проблемите што произлегуваат од просторните интервенции мора да започне со методолошки утврдени постапки на современото архитектонско проектирање како што се согледување на изградениот контекст, проекти што дејствуваат синхронично со постојните и новите општествени потреби и градење на современиот градски простор како инклузивен и мноштвен систем на вредности.
(…)
Основната техника што ја користи концептот наречен „Ослободување на просторот“ е типично архитектонска: создавање проекти што носат идеја за простор што обединува, ослободува и што во моментов не постои. При користењето на архитектурата како алатка во обликувањето на „кореографијата на секојдневното живеење“, согледана е можноста да се поправат негативните трансформативни ефекти од СК 2014; градот јасно да ги дефинира, во материјална и симболичка смисла, сопствените вредносни особини на современост, а идејата за исклучивост и просторна сегрегација вткаена во СК 2014, неговата претенциозност и несмасност докрај да се детотализираат. Со тоа, површноста на СК 2014 што е исклучена од секаква значајна содржина суштинска за архитектонската продукција, би трансгресирала, создавајќи етичка релација со градот каде што перформативните особености на просторноста служат на вистинските потреби на урбаното живеење во појмовната и појавната смисла на себеидентификувањето.
(…)
Покрај поединечните проекти создадени специјално по повикот за „Ослободување на просторот“ од четири тима архитекти од младата генерација кои покажаа свеж и прогресивен поглед во холистичкото гледање што го сугерира темата, беа вклучени и други актери во градо-градењето на Скопје: од искусни локални архитекти кои самите се школувани и формирани како млади архитекти во времето кога херојски се создава Модерната архитектура на градот; преку фотографи кои низ својот објектив го бележат неговото растење и менување; до низа други професионалци кои прецизно и/или креативно се одѕиваат во комплексното вкрстување на идеи и практики инспирирани од градот Скопје.
Марија Мано Велевска и Слободан Велевски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.