Националната опера и балет одржа прес-конференција по повод изведбата на операта „Дрдорењата на Лапо“ од Џо Скитино на која присуствуваа: м-р Васо Ристов, директор на НУ Национална опера и балет, Н.Е. Андреа Силвестри, Амбасадор на Р. Италија во Р. Македонија, композиторот Џо Скитино, тенорот Благој Нацоски , баритонот Џанпјеро Руџери и диригентот Иван Еминовиќ.
На 19 ноември со почеток во 20.00 часот, на сцената на Националната опера и балет ќе се изведе оперското дело во еден чин и две слики „Дрдорењата на Лапо“ по повод 700 години од смртта на Данте Алигиери.
Светска премиера, надвор од границите на Италија, на операта „Дрдорењата на Лапо“ посветена на Данте Алигиери, напишана од Џо Скитино (музика) и Клаудио Салтарели (либрето), ќе биде под диригентската палка на Иван Еминовиќ, во изведба на тенорот Благој Нацоски (Данте), баритонот Џанпјеро Руџери (Лапо), хорот и оркестарот на Националната опера и балет. Режисер е Дејан Прошев.
По повод 700 години од смртта на Данте Алигиери (1321) и на Лапо Салтарели (1320), двајцата прочуени поети од Фиренца и познавачи на политиката, создадено е ова оперско дело кое раскажува за случки од животот на двајцата уметници кои заедно минувале низ период одбележан со превирања важни за историјата на цела тогашна Италија. Особено се опеани посетите на Лапо во Рим, кај Папата Бонифациј VIII, кои довеле до судски процеси и одлука за протерување на двајцата поети од Фиренца.
Настанот ќе се одржи според протоколите предвидени со моменталната состојба предизвикана од пандемијата Ковид-19 за одржување настани, одобрени од Комисијата за заразни болести.
Влезот е дозволен само со потврда за извршена вакцинација против КОВИД-19 или потврда за прележан КОВИД-19 во последните 45 дена, сметајќи од денот на оздравувањето.
Задолжително е носење на заштитна маска.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.