Книгата за деца „Вистинска приказна за двете соседни кралства“ на младата авторка Марија Костадиновска ќе биде промовирана онлајн, во понеделник (2 ноември), во 19 часот на фејсбук-страницата на „Литература.мк“. Делото е во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“, и веќе е достапно во сите книжарници „Литература.мк“ или да се купи онлајн на www.literatura.mk. Промоцијата ќе ја води уредничката Бисера Бендевска, која ќе разговара со писателката за оваа книга, како и за идните планови.

Марија Костадиновска е дипломиран филолог, професионален едриличар и авторка на делото за деца „Вистинска приказна за двете соседни кралства“. Илустрациите во книгата се на Александра Филипоска. Ова воопшто не е некоја обична приказна, туку вистинска е. За две вистински соседни кралства. За Хана, една вистинска кралица и за Фран, еден вистински крал. И не се случило еднаш, некогаш, многу одамна во двете вистински кралства, како во сите други приказни, туку сега вистински се случува…

– Хана и Фран (главните ликови) иако ги имаат своите кралства тие ги губат. Оттука е и првата порака и поука дека ништо не е вечно и засекогаш. За да ги вратат изгубените кралства ќе мора да се потрудат. Насоките се и повеќе од јасни. Најпрвин ќе треба да научат многу нови нешта. Да бидат истрајни. Мудро и логично индивидуално да размислуваат, но да дејствуваат тимски. За на крајот да дојдеме до заклучокот дека најважна е среќата. Успеваат, создавајќи го кралството на среќата. Хана и Фран се сите деца, затоа и оваа приказна е вистинска! вели авторката Костадиновска.

Младата авторка која не живее во земјава веќе подготвува и нови дела за најмладите кои наскоро ќе ја видат светлината на денот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.