„Сантос блуз“ е првиот книжевен наслов на Ненад Алексовски, чијашто онлајн промоција ќе се одржи вечерва. Романот е во издание на „Арс Либрис“, дел на „Арс Ламина – публикации“, а разговорот на промоцијата ќе го води уредничката на изданието, Оливера Ќорвезироска.

Настанот може да се проследи на фејсбук страната на издавачката куќа „Арс Ламина“.

Овој можен портрет на модерниот номадизам – географски, професионален и емоционален има хибридна форма на дневник, патопис, роад-роман и блуз-проза. Како што вообичаено се повторуваат првите два стиха во блузот, така се повторуваат и деновите, месеците,.. времето во оваа лесно читлива новела за не толку лесните нешта во нашите животи. „Сантос блуз“ ги сецира моментите кога чувството на едно големо „ништо“ се трансформира во моќна инспирација – велат од „Арс Ламина“.

Од издавачката куќа посочуваат дека станува збор за една мошне динамично раскажана „отплата“ на личниот долг кон повеќе страсти истовремено: патувањето, музиката, театарот…

Не ја сакам зимата во Македонија. Особено кога знам дека за неколку недели, додека тука ќе има метар снег, а потоа и растопена грда снежна маса испомешана со кал, јас ќе бидам таму далеку каде што во јануари има метар коктели на плажа – вели авторот во делото.

Ненад Алексовски е роден во Куманово. Основно училиште завршил во родниот град, а средно образование завршил во Музичка гимназија „Станковиќ“ во Белград.

Афинитетот кон пишувањето го открил за време на адаптациите на драмските дела од Бертолт Брехт, Семјуел Бекет и Ежен Јонеско, што ги работел за неговата театарска група. Го пропатувал речиси целиот свет и неодамна, од Лисабон, Португалија, се сели во Лимасол, Кипар, каде што живее и работи во моментот.

Книгата веќе е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“, како и онлајн на интернет-страницата www.literatura.mk.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.