Филозофскиот филмски фестивал/ Philosophical film festival оваа година ќе се одржи онлајн под мотото „Идеи, светови“ од 21 до 31 мај.
Креативна и отворена, тоа е она што лежи во самото срце на културата. Токму затоа Филозофскиот Филмски Фестивал се обидува веќе два месеци, и покрај сите пречки во едно вакво време полно предизвици, оваа пролет да донесе еден дел од работата на бројни талентирани режисери, истражувачи и уметници во Скопје. За жал, голем дел од институционалната поддршка на филмските фестивали во нашата земја беше суспендирана на неодредено време, па и покрај сите алтернативи што ги понудивме, 10. роденденско издание, сега, на начинот на кој го знаеме, за жал нема да биде возможно оваа пролет.
Филмот отсекогаш нè инспирирал, нè придвижувал, нè водел подалеку, ни помагал да отвораме нови хоризонти, да растеме, да размислуваме слободно, да видиме светови кои не сме ни знаеле дека постојат (или сме знаеле многу малку за нив), нè правел да сонуваме, да (со)чувствуваме, но и да препознаваме перспективи гледајќи гo светот низ онолку гледни точки колку што има и очи кои гледаат во него… И токму затоа се боревме за него и се уште се бориме, а ова е еден од последните обиди да се сподели дел од годинешната програма со вас, пред неизвесноста на остатокот во оваа година, со организирање на ФФФ ПРОЛЕТНИТЕ ОНЛАЈН МИГРАЦИИ и достапност на нашата програма за што поголем број сограѓани бесплатно, како и пружање скромна поддршка на режисерите и нивната работа преку нашиот фестивал.
Голем број на културни манифестации низ целиот свет се адаптираа на кризните околности поткрепувајќи го животот преку културата во домашна изолација и давајќи му една перспектива за светот потоа. Повеќе филмски фестивали, во исклучително краток временски период, успеаја да пронајдат или да креираат алтернативни форми и решенија да ги споделат своите програми во виртуелните кино сали овозможувајќи, и за време на ковид кризата, одржување на континуитетот на културниот и социјалниот живот на нашите заедници, обезбедувајќи пристап до културата и покрај отежнатата економска состојба на голем број луѓе и покажувајќи ги виталноста, значењето, но и одговорноста на културата (вклучително и независната културна сцена на која му припаѓа Филозофскиот Филмски Фестивал) и во едно вакво време.
Ако си во можност да ни помогнеш, тоа можеш да го сториш тука и секој твој придонес ни е драгоцен!
Сумата која ни е потребна е за покривање на основните трошоци за филмовите, наградите за режисерите, како и онлајн платформата која ќе ја користиме, а сето останато го правиме со ентузијазам и со огромна љубов кон седмата уметност како и многу пати досега. Сакаме да им дадеме шанса на овие филмови да бидат видени, да ви понудиме нешто поинакво во овој период на изолација (бесплатно и за оние што инаку не би можеле да си го допуштат сега) и со наградите да ги поттикнеме режисерите да продолжат да творат и да ни отвораат нови хоризонти на големото платно.
Доколку ја исполниме или надминеме целта на акцијата, дел од сумата ќе ја донираме на хуманитарни акции кои помагаат во ковид кризата. Трите начини на кои можеш да ни помогнеш се следните:
1) Ако можеш (и колку можеш), поддржи ја оваа акција, а од десната страна избери си ја наградата што ти се допаѓа. Секоја твоја поддршка и помош ни е драгоцена!
2) Доколку не си во можност да донираш, можеби можеш да ја споделиш акцијата преку твојата социјална мрежа и можеби некој друг ќе може да ни помогне. и, секако, без оглед на тоа што ќе одбереш:
3) Придружи ни се на фестивалот од 21-31 мај и сподели ја љубовта кон филмот со твоите пријатели и семејството!
Ако има некоја индивидуа или компанија која би сакала да даде поголема донација (или да спонзорира награди за победничките филмови), ќе ни биде мило да ви понудиме можност за /генерално/ спонзорство или да станете патрон или „мецена“ на ФФФ ПРОЛЕТНИТЕ ОНЛАЈН МИГРАЦИИ и да помогнете во оваа солидарна културна акција.
За повеќе информации контактирајте нe директно на: contact@philosophicalfilmfestival.mk Ако ви се допаѓа нашиот фестивал, a можете и сакате да придонесете, сите средства што ќе ги собереме ќе бидат вложени да овозможиме што поголем број луѓе да го остварат своето право на култура и оваа пролет, нудејќи ја програмата на онлајн изданието бесплатно (во рамките на капацитетот на нашите виртуелни кино сали) и достапна од кој било дел од Македонија.
ИДЕИ, СВЕТОВИ, тоа е максимата на годинешното 10. и роденденско издание на ФФФ и веруваме дека филозофијата и филмот, токму преку креативност и солидарност, можат да ни помогнат да замислиме еден подобар и поубав свет за сите.
Чувајте се и останете во добро здравје, ВИ БЛАГОДАРИМЕ НА СИТЕ И ЗА СЕКОЈА ПОДДРШКА и се надеваме дека наскоро ќе се видиме во нашата омилена Кинотека!
Тимот на Филозофски Филмски Фестивал
Ризици и предизвици
Водењето независна културна иницијатива е секогаш полно со предизвици, а оваа година уште повеќе, за секој проект од областа на културата кој по дефиниција е и културен и социјален настан што привлекува поголема група на луѓе. Во 2020 нашиот најголем предизвик ќе биде како да го одржиме фестивалот како независна културна иницијатива и како да го споделиме со вас продолжувајќи ја и поддршката на режисерите и можните светови кои ги споделуваат на/преку големото платно со нас. Доколку не најдеме минимум средства кои ни се потребни за реализирање на оваа солидарна културна акција, ќе биде доведено во прашање тоа колку содржини и колку широко ќе можеме да ги споделиме, а покрај тоа, во овој момент, неизвесно е и одржувањето на остатокот од фестивалската програма подоцна оваа година со бројни квалитетни филмови и гости кои требаа да дојдат во земјата. Токму затоа бараме луѓе, слични по дух, кои ги сакаат филмот и филозофијата, и кои ќе можат да ни помогнат да ги реализираме ФФФ ПРОЛЕТНИТЕ ОНЛАЈН МИГРАЦИИ и да ги споделиме со што поголем број на луѓе во нашата земја, велат организаторите на својата фејсбук страница.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.