Со врачувањето на Повелбата за исклучителен придонес во филмската уметност, синоќа во Кинотеката започна „Омажот на Мето Јовановски“, кој е дел од програмата на 22. издание на „Скопје филм фестивал“.
Заблагодарувајќи му за легендарните улоги, Повелбата му ја врачи директорот на Кинотеката, Владимир Ангелов.
Има актери кои умеат така лесно да ве убедат во невозможното, има актери кои умеат на се да му дадат свој печат, има актери кои умеат секоја ролја да ја направат незаборавна, има актери чија умешност едноставно ве остава без здив, има актери кои така неверојатно ги минуваат границите. Има актери за кои не сте сигурни дали го одбележале македонскиот филм или се претвориле во таков симбол по кој македонскиот филм го препознаваме. И не само филмот. Мето Јовановски е еден од оние актери кои го одбележаа македонското глумиште, бидејќи без оглед дали се работи за филм или за театар неговите, ролји мали или големи, секогаш остануваат во паметење. Неговата харизма, неговиот талент, неговата особеност, без нималку претерување, се нешто кое умее на секоја улога да и даде не само живот, туку боја, сила, карактер, умее да и даде таков печат, кој не може никого да го остави рамнодушен“, се вели во образложението на Скопје филм фестивал.
Заблагодарувајќи за признанието Јовановски рече дека радоста најмногу ја споделува со најмладата генерација која со себе носи нов филмски сензибилитет ослободен од сите стереотипи и малограѓански предрасуди.
Да се биде актер, филмски работник, соработник, да се биде дел од филмска екипа, да се влезе во светот на креативноста, во тој тајновит волшебен свет и барем за миг да се заборави тој црно бел свет со желба да се преточи животот во возвишен и креативен чин е чест и привилегија но и одговорност пред оние за кои постоиме, а тоа се нашите гледачи, публиката која знае да ја вреднува нашата уметничка, креативена работа и со кои заедно го славиме творештвото – уметноста и животот како највисока универзална вредност. Да ги славиме филмот и уметноста како зрак светлина против мрачните стереотипи и се она што ја убива душата човекова“, рече Јовановски.
По свеченоста беше прикажан филмот „Кога ќе осамне ден“ (2015) во режија на Горан Паскаљевиќ.
Кинотеката и Скопје филм фестивал во овој омаж на Мето Јовановски прикажуваат вкупно осум филмови. Тоа се неговите улоги кои ги играше во регионот, бидејќи Јовановски го одбележа македонското глумиште, но и југословенското и многу пошироко.
Во новата фестивалска локација, кафе – кино Котур се одржа проекција на краткиот документарен филм „Виолината на Џо“ („Joe’s Violin“), кој во 2017 година беше номиниран за Оскар, а потоа и средба со Кахејн Куперман (Kahane Cooperman), американска авторка, продуцентка и режисерка, која го претстави филмот и одговараше на прашањата од публиката.
Филмот е вистинска сторија за Џо, жител на Њујорк, кој го преживеал Холокаустот и на повик на една хуманитарна организација, решава да ја донира својата виолина која му помогнала да ги преживее најтешките моменти во животот. Донацијата оди во едно училиште во Бронкс, ја добива 12- годишно талентирано девојче што тешко го преживува разводот на родителите. Се работи за фасцинантна и трогателна приказна, особено кога ќе се сретнат девојчето и старецот.
Се возев во автомобил, кога на радио слшнав повик за донирање на инструменти за училиштата во Њујорк, си помислив дека сите тие донирани инструменти имаат своја приказна и решив малку повеќе да истражам. Успеав да стапам во контакт со Џо и уште на нашата прва средба сфатив дека неговата животна приказна, чиј дел е виолината е навистина исклучителна. Почнав со снимање со свои средства, а дури потоа успеав да соберам повеќе пари за продукцијата на филмот. Највозбудливо беше кога се сретнаа Џо Фајнголд и Бријана Перез, ќерка на имигранти од Доминиканска Република. Таа, иако беше толку млада, разбира дека инструментот е важен сам по себе. Кога првпат се запознава со Фајнголд, таа му ја свиреше трогателната „Песната на Солвеиг, последното што го слушнал од мајка му пред да го однесат во логор“, рече Куперман.
Кахејн Куперман е наградувана авторка на документарни филмови и телевизиска продуцентка. Таа продуцирала седум кратки документарни филмови за аутизам, а режирала два од нив за Ејч-Би-О. Неодамна беше и извршна продуцентка и режисерка на „Ладнокрвно: убиствата на семејството Клатер“, четиричасовна крими серија за вистински криминалци за Санденс ТВ на Амазон Прајм. Таа била извршна продуцентка за „Њујоркер претставува“, серија за Амазон Прајм. Од 1996 до 2015 година, работела во познатата телевизиска емисија „Дејли шоу со Џон Стјуарт“.
Најтешите моменти ни беа кога се случуваа големи трагедии, како 11 септември и пукањата во американските училишта. Како да правите хумор од тоа. Но Џон Стујарт беше извонреден да ја најде вистинската мерка“, раскажуваше Куперман, која во Скопје гостуваше со поддршка на Американската амбасада.
Од денешните настани, (19 април) освен проекциите на филмовите, го издвојуваме свеченото отворање на програмата „Деновите на Квир кино“ во киното „Фросина“, од 20 часот, кога ќе биде прикажан филмот „Потреси“.
Програмата и распоредот на филмовите и настаните видете ги на http://www.skopjefilmfestival.com.mk/
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.