Ансамблот и хор „Профундис“, под диригентската палка на Ѓурѓица Дашиќ, вечерва ќе одржи концерт „Созерцание“, омаж на Арво Перт, во големата сала на Филхармонијата. На програмата се: „Де профундус“ за машки хор, перкусии ад либитум и оргули, „Трисагион“ (за гудачки оркестар), „Стабат матер“ (верзија од 2008 за гудачки оркестар) и „Молитва по Канон“ (од „Канон покајанен“) за мешан хор и гудачки оркестар (2018).

Опусот на современиот естонски композитор Арво Перт изразува љубов и пренесува духовна моќ, две есенцијални состојки на добрата музика.

Музиката е мојот пријател. Пријател што има разбирање, емпатија, простува, теши. Парче ткаенина што ги брише солзите. Извор на солзи радосници. Но во исто време и болна како трн во телото и душата, вели композиторот Перт, кој е роден на 11 септември 1935 година во Паиде.

Камерниот оркестар „Профундис“ е нов уметнички состав, чија цел е промоција на квалитетот и особеноста на изразот, со посебен акцент на еманципацијата на сите концертни изведувања. Покрај класичниот репертоар, кој опфаќа музичко творештво од епохата на барокот до денес, камерниот оркестар „Профундис“ се стреми кон развој и наоѓање поинакви начини на презентација на музиката (дигитални концерти, 3Д-мапинг, учество и презентација на нови технологии). Квалитетот на оркестарот, составен од веќе докажани имиња, и неговата флексибилност во презентирањето на сите стилски епохи, под уметничко водство на диригентката Ѓурѓица Дашиќ, го дефинираат како уметнички ансамбл на 21 век, способен да одговори на сите барања на музичката продукција.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.