Писателката Оливера Ќорвезироска на својот фејсбук профил реагира поради шареноликоста на начинот на поддржување на проектите од издавачка дејност.
Неправда е неправда и кога не сме и кога сме лично засегнати. Молкот поради ситни мали лични задоволства секогаш се претвора во вресок на општеството. Во дополнетиот список на Министерството за култура за финансирање во издавачката дејност, вчера се најде и мојот најнов роман „Аб’т“. Реагирав минатиот пат, кога не беше финансирана моја книга, реaгирам и сега – кога е. И тогаш, и сега, распределбата на средствата е нејасна и нелогична, со отсуство на каков било видлив критериум. Мојот роман е поддржан со 120.000 денари или со 60% од побараната сума. Тоа е повеќе од новите книги на Оливера Николова и Влада Урошевиќ, на пример (65.000 или 30% кај Николова и 100.000 ден. или 50% од побараното кај Урошевиќ). Зошто? Од друга страна, има финансирано книги со повеќе од 80% од побараните суми и така се добиваат бројки кои прават целосен хаос. За збирка раскази од еден афирмиран автор од средната генерација – 160.000, за друг, исто така афирмиран – 66.150; за бардовите на националната книжевност 60.000, односно 100.000, за поетска книга на помалку или повеќе познати поети по 100.000 денари… Воведувањето на процентите на партиципација на Министерството во издавање на некој наслов се новина и тие одговараат на доделните суми во однос на побараните. Но, што со нив, сѐ додека не ги знаеме критериумите според кои се одредувал процентот!? Сѐ додека не бидат јасно одредени, објавени и испочитувани критериумите, фрапантната шареноликост на доделените средства ќе создава личен срам кај некои автори, суета и надменост кај други… За жал или за среќа, не сме сите исти, па да реагираме само кога не сме поддржани, а удобно да си молчиме и траеме кога сме. Реагирав како неподдржана, реaгирам и сега како поддржана. Не сакам да се срамам пред најголемите македонски писателски имиња, сакам да се срамат Комисијата, Министерството и… Македонија, напиша Ќорвезироска.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.