Со повеќе пригодни манифестации охриѓани одбележаа 118 години од раѓањето на големиот промотор на Охрид и Македонија, најплодниот холандски писател на сите времиња, А. ден Долард.
Централната манифестација се одржа во КИЦ „Култура 365“, каде што се имаше поетско читање и предавање за животот и делото на големиот пријател на Македонија, која во мислата и делата ја носел цели шест децении.
Покрај во неговите извештаи за западните медиуми, најсилен траг оставил со романите: „Свадбата на седумте Цигани“, ненадминато четиво за убавините на Охрид и Македонија, заедно со „Заедно е двапати сам“, односно „Ориент експрес“, дело кое го осветлува феноменот ВМРО, од основањето до времето на Ванчо Михајлов.
За животниот пат и творечкиот опус на А. Ден Долард, говореше писателот Мишел Јузмески, најдоследниот негов проучувачна балканските простори, основач на Спомен-домот на Долард во Охрид.
Јузмески презентираше фрагмент од насловот „Холандска љубов и Македонија на Македонците“, каде Долард пишува: „Вљубувањата од раниот пубертет се најжестоките и најнезаборавните. Јас во Македонија бев вљубен од мојата четиринаестта година”.
Поетскиот поздрав, со прочит на песната „Монолог за А. ден Долард“, го направи поетот Тоде Илиевски, по што настапија поети од Охрид, Струга, Прилеп, Скопје и други градови.
А. ден Долард беше најголемиот промотор на Македонија во Кралството Холандија. Во периодот помеѓу 1931 и 1994 година тој објавил бројни книги и новинарски статии инспирирани од неговите чести престои во Македонија.
Посебно изразена е неговата љубов кон Охрид, за што е сведоштво култниот роман „Свадбата на седумте Цигани“, со над 40 изданија, на повеќе светски јазици, за што Долрд со децении беше еден од најчитаните автори во Холандија.
Делото кај нас е преведено како „Свадба во Охрид“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.