Со долготраен аплауз и стоечки овации мина синоќешната прва проекција на филмот „Врба“ на Милчо Манчевски на реномираниот фестивал ФЕСТ во Белград, на која присуствуваа и режисерот со главните актери Сара Климоска, Наталија Теодосиева, Никола Ристески и Камка Тоциноски. „Врба“ е во главната конкуренција за награди на ФЕСТ, а интересот на публиката е огромен, како за синоќешната, така и за следните две проекции на 3 и 4 март.

По оваа српска фестивалска премиера, од мај „Врба“ ќе игра и на редовниот кино-репертоар во Србија.

Голем медиумски интерес имаше и за вчерашната прес-конференција на ФЕСТ на режисерот Манчевски заедно со актерската екипа.

Пуштам да ме води приказната – јас сум само средство за приказната сама да се раскаже. Се трудам приказната да ја слушам како музика – следам дали секоја нота е на место. Тоа важи за приказната, како и за кастингот, снимањето и така натака. На почетокот никогаш немам порака или тема, туку приказна и чувства – чувството на тежина пред да падне дожд, чувството на страв во коските. Кога тоа еднаш ќе тргне, ако е убава соработката, се склопува убаво уметничко дело. А потоа чекам публиката да ми каже која е праката“, рече режисерот Манчевски на прес-конференцијата и додаде дека клучното чувство кое го одвело во „Врба“ е „чувството кое некое дете би го имало кон бајка, кон голем, архаичен, непознат свет. Тоа за мене беше иницијалната каписла. Потоа следуваше контрастот, па и третата приказна – некако секогаш завршувам со три приказни“.

„Врба“, кој е најгледаниот филм во Македонија, од ФЕСТ патува на 40. издание на Фантаспорто во Порто, еден од 20-те водечки во светот, каде филмот ќе биде прикажан на 6 март во програмата „Недела на режисери“. Месецов ќе ја има и американската премиера, во натпреварувачката програма на Синеквест, еден од најстарите и најреномирани фестивали во САД (од 3 до 15 март) во Сан Хозе и Редвуд Сити, Калифорнија. Овој и следниот месец следуваат и фестивалите во Софија и Истанбул. Минатиот месец „Врба“ имаше премиера и во Нов Зеланд и доби награда за најдобар филм на камерниот фестивал за независни филмови во Велингтон.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.