Во демирхисарското село Белче, актерот Огнен Дранговски, во соработка со режисерот Џон Блондел синоќа ја имаше премиерата на претставата „Пиреј“.

Верувам дека сите, каде и да одиме или каде што сме во нас ја носиме топлината на тие души. Па во ова без малку паузирано време да поразговарам малку со нив за да видам до кај сум, до кај сме, како сме.. Да ми дадат совет, да им се исповедам, да им се пожалам, да им се пофалам…. И, се разбира, да направам муабет за во иднина, истакна Дранговски.

Претставата е во продукција на Lit Moon World, а Џон Блондел со враќањето во Македонија не враќа на периодот кога беше режисер гостин на Битолскиот театар, 2013 година, кога ја режираше „Хенри Шести“ и со која овој театар беше дел од големиот проект за изведба на дела од Шекспир во театарот „Глоуб“ – Лондон.

Иако тогаш не знаевме, овој проект всушност започна пред четири години, кога Огнен Дранговски ме доведе во селото на неговиот дедо во Белче. Одамна напуштената куќа и другите градби беа силни потсетници на начинот на кој луѓето живееле, се смееле…умирале. Подоцна, кога ми кажа за „Пиреј“ на Петре М.Андреевски, знаев дека мораме ова да го направиме заедно и тоа мораше да биде во Белче. Приказната на романот за преживувањето меѓу бруталноста, апсурдноста и бесмисленоста на Балканските војни во почетокот на 20 век, се совпаѓа совршено со местата, звуците и мирисите на Белче. Ви се појавува вид нова состојба – сведоштво за минатото, а светол зрак за иднината и подарок за луѓето што ја споделуваат истата линија и кои ја испумпуваат истата крв, како Јон и Вeлика. Ова стана едно од моите најбогати искуства, вели Блондел.

Костимите се дело на Благој Мицевски, а учествуваат и гости музичари од САД. Дело на Сергеј Андреевски е употребено наместо постер за претставата.

По подолго време и од познати причини оваа прилика за работа на амбиентален театар на некој начин нè враќа и во неговата суштина. Театарот е жива материја, непосреден контакт со актерот и респект кон сè што не опкружува. Уживав во секој момент од работата со оваа интернационална екипа која допатува од другиот крај на светот за повторно да ни ги реоткрие вредностите на авторот и убавините на неговиот роден крај, вели Мицевски.

Во претставата играат и млади од Битола и од Демир Хисар: Бојана Јанкуловска, Анастасија Чипуровска, Александра Василевска и Љубен Најдовски. Музиката е на Џејмс Конели и Сајмон Блондел.

Претставите ќе се играат и на 13 и 14 август во село Белче.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.