Одлични реакции и долг аплауз добил краткиот филм „Северен пол“ на Марија Апчевска кој вчера имаше светска премиера во Кан кој конкурира за „Златна палма“, информираше на Фејсбук Агенцијата за филм.
„Северен пол“ е меѓу десетте селектирани од вкупно 3.739 прегледани краткометражни филмови од страна на комитетот. Финалните 10 се во трка за освојување на престижната награда за краток филм. Победникот ќе биде објавен вечерва, на свеченото затварање на фестивалот на 17 јули. Ова е прв македонски филм воопшто што ќе се трка за престижната „Златна палма“.
Како што објави на Фејсбук Агенцијата за филм на проекциите присуствуваа сите филмски екипи на селектираните филмови, а на сцена биле претставени и режисерите, по што биле поздравени со долг аплауз.
„Салата ‘Дебиси’ беше преполна со публика, од која имаше одлични реакции за нашиот филм“, вели Агенцијата.
Во македонскиот тим за Кан се и продуцентот Роберт Насков, актерката Антонија Белазелкоска, како и многубројна екипа од Агенцијата.
Ова е огромен успех за поновата македонска кинематографија и прв краток филм кој во самостојна Македонија успеал да влезе во некоја од главните натпреварувачки категорија на фестивалот од А-категорија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.