На 6 ноември (среда), премиерно ќе се изведе претставата „Аудиенција“ од Вацлав Хавел во рамките на ,,Чешките денови на Кадифената револуција“ и по повод одбележувањето на 30-годишнината на „Кадифената револуција“, во организација на Aмбасадата на Република Чешка во Скопје и поддршката од Делегацијата на ЕУ, Министерството за култура, Македонскиот народен театар и Машина продакшн
Од 8 ноември 2019 претставата „Аудиенција“ од Вацлав Хавел ќе биде на репертоарот на МНТ. Режисер: Сибел Абдиу, а улогите ги толкуваат: Сладарот: Џенап Самет, Вањек: Владо Јовановски, Композитор: Слободан Трајкоски, Сценограф: Ујза Жури, Превод: Драган Георгиевски, Инспициент: Александар Ралевски.
„Аудиенција“ е трагикомична апсурдна драма во еден чин, по текст на Вацлав Хавел напишан во 1975 година. Главниот лик е Фердинанд Вањек, интелектуалец кој треба да работи во пивара. Вањек е повикан од страна на својот претпоставен, Сладарот, кој е на сосема различно интелектуално ниво. Претставата е делумно автобиографска (Вањек го претставува Хавел) и има референци за вистински уметници од тоа време (Гот, Бохдалова).
Вањек, по вокација драмски писател, интелектуалец, принуден да работи во пивара, алтер егото на авторот (измислена личност, психолошки идентична со авторот), кој е следен од страна на тајната полиција. Во текот на претставата Вањек покажува благородни манири на изразување и однесување, се служи со едноставни зборови и кратки реченици, но од друга страна тој во неговите ставови е бескомпромисен.
Сладарот, од друга страна, е претпоставениот на Вањек кој одлучува за должноста на работниците во пиварата. Тој во Вањек гледа авторитет, и покрај тоа што е подреден. Се обидува да направи нечесен и неетички договор со Вањек. За време на претставата и обајцата постојано пијат, а особено Сладарот. Тој е типичен претставник на едноставниот и неук човек со волја за моќ.
Претставата има за цел да посочи на апсурдноста на комунистичкото општество, неверојатниот јаз меѓу интелектуалците и медиокритетите, а исто така и индиректната критика на тоталитаризмот и не-слободата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.