На малата сцена во Македонскиот Народен Театар во Скопје, на 30 октомври се одржа промоција на „Мирисливите бои на душата“ од Катица Трајковска Абјаниќ, настан во сеќавање на авторката. Почетокот беше обележан со проекција на видео-илустрација на еден од расказите од книгата. Потоа следеше обраќање на директорката на издавачката куќа „Метаноја“ Нада Милкова.

Оваа книга почна да се раѓа токму во средбите со Катица, во оние мигови кога бев воодушевена од нејзиниот длабокоумен говор, кој не беше поматен дури и во миговите кога и телото и умот и душата беа под копрената на смртта. Таа во секој миг бираше да зборува за животот. А животот Катица го сметаше за прекрасен, за чудо кое е неповторливо, необјасниво и мистично ја обдарува ѕвездената прашина со најдолгиот збор составен од седум милијарди зборови, нашата ДНК. Катица чинам успеа токму таа воскресната прашина да ја разбере и да ја види како безброј нови пламени јазици. Токму тоа таа го остави на театарската сцена, во театарската критика, во новинарските текстови и над сè во емисиите од културата, рече Милкова.

Во своето обраќање, меѓу останатото Ена Абјаниќ Чаусидис, ќерка на авторката, говореше за самиот процес на создавањето на книгата.

Како дојдовме до насловот? Разгледувајќи ја нејзината тетратка, наидов на стих испишан на француски јазик – приказните за ковчези, тажни се и неубави, на боите вратете се, на боите на животот. Открив дека тоа е стих од Жак Превер и веднаш почувствував дека таа со овој стх сакала нешто да ни порача. Подоцна, размислувајќи за нејзината душа, инспирирани токму од овој стих, го создадовме насловот „Мирисливите бои на душата“. Процесот на пишување на останатите текстови во книгата се случуваше во изминатата година откога таа физички веќе не е со нас. Во книгата се наоѓаат текстови од Коста Милков, отец Климент, дон Давор Топиќ, Кица Колбе, Емилија Џипунова, Искра Гешоска и Андреј Јованчевски. Можам да кажам дека за мене лично, целиот процес на создавање на оваа книга претставува голема утеха и поткрепа во деновите без неа, истакна Ена Абјаниќ Чаусидис.

Главни говорници на промоцијата беа токму авторите чии текстови се дел од книгата. Коста Милков во својот говор се осврна кон ликот на Катица од една можеби неочекувана перспектива: Катица – богословот.

Додека ја познавав Катица, додека ја познавав како личност, додека ја познавав како автор, како новинар, како уредник на културни емисии и конечно кога ја запознав многу поинтимно во нејзиното пишано писмо, преку нејзините седум раскази, можам да кажам дека ја открив нејзе како еден лик кој на еден дестилиран начин го толкува она што е основата на христијанството, а тоа се Отецот, Синот и Светиот Дух.“ Понатаму, отец Климент со присутните сподели моменти од последната посета на Катица на манастирот Зрзе, истакнуваќи понатаму во својот говор: „Исто така, кога зборувам за Катица, и самата ова иконографија којашто сега стои пред вас и пред нас, ја изразува нејзината личност бидејќи чудесно знаеше да спои во себе човек којшто е агностик, атеист, верник, протестант, римокатолик, православен, не ги делеше луѓето, не нѐ делеше туку сите нѐ собираше чудесно префинето, рафинирано во нејзин стил во своето внатрешно дрво кое што јас платоновски имам потреба да го нагласам, дека човекот е дрво со корен кон небото.

Дон Давор Топиќ пак, рече дека светоста е убавината за овој свет, и само свет живот, на крајот станува едно сведоштво, како што можеме да видиме. Затоа на крајот на нашиот живот, круна на сѐ, е љубовта, таа Божја љубов во нашиот живот.

Потоа, Емилија Џипунова рече: „Таа беше личност со толку многу доблести и добрини, што чиниш дека е и од добрина создадена. Со благ поглед и топла насмевка, со широко срце и душа полна со љубов и убавина, чекори тихо, како да не гази по земјата. Ранлива и ранувана, но без крик со сила на бестрашен воин ги лечи длабоките рани. Ги лечи, излекува и скромно ненаметливо продолжува , како што таа би рекла, по Божјиот пат, држејки го во своите топли прегратки своето чедо.“

Искра Гешоска во својот говор истакна дека таа беше борка против принципот на паланката.

Кога ја мислам Катица Трајковска Абјаниќ мислам на борка против принципот на паланката. Таа како вејка на ветрот, навидум тивка, кревка, но со неверојатна цврстина, еластичност каква што има и вејката, отпорност и одлучност, стоеше, твореше, создаваше, приватен и професионален контекст кој беше една од ретките парадигми за отвореното мислење, она што жестоко се спротиставува на паланечкото мислење. Отсекогаш, Катица ја чувствав како нашата ѕвезда деница, секогаш прва се појавуваше на небото во нашето поприлично темна мрачна средина, за да го покаже патот кој води кон поинакви, посветли хоризонти. Таа е онаа која на обезначениот јазик му даваше вредносни вертикали, уште во она време, финеси, му даваше полисемична димензија, а тоа не е едноставно во овој наш еднодимензионален и обезначен контекст. Кога ќе си припомнам, таа беше радост, рече Гешоска.

Андреј Јованчевски заклучи: “Уверен сум дека Катица беше свесна за силата на впечатокот и многу внимаваше на какви впечатоци се изложува и каков впечаток остава. Бидејќи само во тој поглед сме над впечатоците: во зрелите години, имаме моќ врз нивната дистрибуција. Изборот со којшто сме за¬должени, кој за многумина е проклетство, Катица го носеше како благослов: сакаше да ги собира и умножу¬ва убавите впечатоци, а со неубавите учено да се помири или смирено, луцидно да полемизира. Зборувајќи за поимот на убавото овде, важно е да се нагласи дека Катица, како и многумина впечатливи луѓе, се водеше според естетско-етичкиот идеал на доброубавото, калокагатија. Носителот на калокагатија е, според древното поимање, идеалниот граѓанин на полисот, образец за хармонично развиена личност. Ете, за таков човек овде зборуваме, репер. Во еден сè понекултурен свет, Катица беше вистински културен човек.“

На крајот на промоцијата Нада Милкова и Ена Абјаниќ Чаусидис им заблагодарија на сите учесници на промоцијата како и на Симона Угриновска директорката на Македонскиот Народен Театар за отстапениот простор.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.