Единаесетото издание на „Македокс“ ќе се одржи од 19 до 26 август во паркот кај МКЦ и во летното кино на Кинотеката, а ќе биде посветено на звукот и тишината. Фокусот ќе биде, како што најавуваат организаторите на поезијата во филмоти дизајнот на звук. Мото на фестивалот е „Слеј се со тишината“, според истоимената стихозбирка на Ацо Шопов од 1955 година.

Годинава фестивалот ќе се одржи во хибридно издание – ќе има проекции и настани во живо на отворен простор и настани што ќе се одржат он-лајн на интернет. Филмските проекции што ќе се одвиваат во живо паралелно ќе може да се следат и на интернет-платформа, што овозможува програмата да биде достапна низ целата држава. Поради пандемијата на коронавирусот годинава нема да дојдат гости од странство, но голем дел од авторите на филмовите на фестивалот ќе присуствуваат виртуелно. Планирано е он-лајн да се одвиваат дискусиите по филмовите, разговорите под смоква, како и мастеркласовите и работилниците, велат организаторите.

Постерите за годинашното издание прикажуваат микроскопски фотографии од кромидот, симболот на „Македокс“.

Фестивалската програма ќе биде отворена на 19 август, а комплетната филмска програма, како и фестивалските жирија, може да се најдат на фестивалскиот сајт: http://makedox.mk/mk/festival/filmska-programa/

Фестивалот за своето 11-то издание, сѐ уште, нема добиено поддршка од Агенцијата за филм.

Станува збор за проблем од административна природа што се провлекува неколку месеци наназад. Поради виша сила фестивалот задоцни четири работни дена со својата апликација за поддршка од Агенцијата. Правното решение се чека веќе седум месеци. Без поддршката „Македокс“ мораше да се откаже од своето фестивалско гнездо – објектот на Куршумли ан, како и од платото пред Музејот на Македонија . Фестивалот има одобрување за користење на двата простори од институтот „Јунус Емре“, Музеј на Македонија и Археолошки музеј, велат од Македокс.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.