Во Паркот на поезијата во Струга обновени се спомен-плочите со отпечатени имиња и земјата од која доаѓаат сите досегашни лауреати на „Струшките вечери на поезијата“.
Досегашните бронзени плочки, поставени пред засадените дрвца, беа честа мета на кражби и вандалство. Според информацијата од СВП, се заменети со плочки од композитен материјал со метален слој.
На плочките се отпечатени имињата на лауреатите, заедно со земјата на нивното потекло, а отпечатени се и кјуар-кодови, кои при скенирање со мобилен телефон ги водат корисниците до специјално создадени линкови на веб-страницата на „Струшките вечери на поезијата“, на конкретниот лауреат каде што може да се погледне неговата биографија и поезија – се наведува во соопштението на СВП.
Како што се вели во соопштението, на 60-годишниот јубилеј на фестивалот, идејата е да се врати Паркот на поезијата во фокусот на јавноста и да се потенцира неговата вредност и уникатност, но и да се промовира поезијата и добитниците на „Златниот венец“.
Годинашната манифестација се одржува под мотото „Извишени сведоштва, возвишени стихови“ со кое се потенцира значењето на Паркот на поезијата и симболиката на засадување дрво од страна на лауретите секоја година, како чин со кој се одбележува растежот на фестивалот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.