„Македоника литера“ деновиве објави серија од пет книги за деца и млади од Шен Шиси, најпродаваниот кинески писател за деца и млади и еден од најпродаваните современи писатели во светот.

Петте книги: „Непослушната мајмунка“, „Последниот слон воин“, „Крвавооката мечка“, „Волчицата невеста“ и „Горалите скокачи“ ги содржат најпопуларните и најуспешни новели на овој автор. Шен Шиси пишува за животните и во Кина е познат како кралот на приказните за животни. Во новелите на Шиси се возвишува филозофијата на животот. Животинскиот свет е ист како човечкиот. Љубовта и омразата, тагите и радостите, раздвојувањата и обединувањата во животинскиот свет преку имагинацијата на писателот ја отсликуваат човечката природа.

„Македоника литера“ оваа серија ја објавува во копродукција со издавачот „Делфин книги“ од Пекинг, Народна Република Кина, со кого веќе заеднички објавија и 13 тома од серијата „Најдобрата кинеска литература за деца“. Преводите на оваа серија се на Елена Саздовска, Анета Пауновска, Сибел Ајдинова и Славчо Пеев.

Шен Шиси е роден 1952 година, во Шангај, Кина. Со пишување почнал во 80-тите години. Автор е на повеќе од 40 книги со приказни за деца и млади. Во своите дела тој пишува за хармоничната врска меѓу човекот и природата, а неговите дела се искрени, реалистични и трогателни приказни за животните. Поточно, тој го опишува суровиот и непредвидлив живот на животните и затоа неговите книги се еднакво популарни и кај возрасните читатели.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.