За романот „Боксерот од Ново маало“ Владимир Плавевски ја добива наградата „Стале Попов“, за поетската збирка „Математичка поезија“ Даниела Андоновска-Трајковска ја добива наградата „Ацо Шопов“, за критичко-есеистичката книга „Лирската биографија на Конески“ Атанас Вангелов ја добива наградата „Димитар Митрев“, за книгата за деца „Приказни за добра ноќ на мама Ана“ Билјана С. Црвенковска ја добива наградата „Ванчо Николески“ и наградата „Мост“ ја добива Адем Абдулаху за поетската збирка „Недопеани песни“.

Ова се одлуките за добитници на традиционалните награди на Друштвото на писатели на Македонија за книжевната продукција во изминатата 2020 година, што ги донесоа жири-комисиите составени од истакнати писатели, литературни критичари и есеисти. На Конкурсот распишан во текот на декември минатата година беа поднесени вкупно 64 книжевни дела во конкуренција за петте награди, соопштија од Друштвото на писатели.

Комисиите работеа во состав: Игор Станојоски (претседател), Петре Димовски и Трајче Кацаров (за проза); Борче Панов (претседател), Љубинка Донева и Снежана Стојчевска (за поезија); Глигор Стојковски (претседател), Кристина Николовска и Елизабета Бандиловска (за критика и есеистика); Весна Мојсова-Чепишевска (претседател), Мишел Павловски и Игор Крајчев (за литература за деца) и Христо Петрески (претседател), Делвина Керлуку и Лејла Шериф Емин (за книга-мост меѓу националностите).

Ова празнување, како и низа поетски читања и настани во текот на годината, што ќе се организираат во живо или онлајн во согласност со пандемиската ситуација, ќе бидат пронижани со чествувањето на книжевниот великан и прв претседател на ДПМ – Блаже Конески и одбележувањето на 100-годишнината од неговото раѓање, стои во соопштението.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.