Издавачката куќа „Антолог“ ја објави книгата за деца „Уципуци си го бара домот“ која содржи и куклен театар од латвиската авторка Зане Зуста.

Оваа книга ја раскажува возбудливата и по малку опасна авантура на Уципуци, бувчето играчка што Крис го заборава на одморот во Италија. За да се врати кај својот мал сопственик, бувчето мора да помине долга и опасна патека низ целата куќа за да дојде до терасата и да се сретне со Големиот Комарец, единствениот што знае каде е Крис. На Уципуци ѝ помагаат пајакот и штурецот и двајцата стануваат нејзини незаменливи помошници и добри пријатели.

Ова е интерактивна книга – сите читатели на крајот ги очекува изненадување: куклен театар со ликовите од книгата!

Со ова издание „Антолог“ продолжува да работи на афирмација и збогатување на литературата за деца со квалитетни наслови што ќе ги поттикнат и ќе ги развијат читачките навики уште од најмали нозе.

Зане Зуста (1982) е родена во Латвија. Таа е новинарка, автор на книги за деца и раководител на издавачката куќа „Уципуци“. Уште за време на студиите по новинарство, започнува со работа во медиуми и односи со јавноста. Нејзината книга за деца „Уципуци си го бара домот“ (2015) била номинирана за наградата „Голден епл три“ во 2015 година за најубава книга на годината. Две години подоцна, втората книга од серијата, „Уципуци размислува на оригинален начин“, била номинирана за Годишната награда за литература за деца во Латвија.

Книгата е илустрирана од страна на Евија Тима-Новика. Македонското издание е преведено од Ирена Трајкова, графички уредено од Марко Трпески, а финансиски поддржано од Латвиската книжевна платформа заедно со Министерството за култура на Република Латвија и Латвискиот државен фонд за култура.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.