Книгоиздателството „ВиГ Зеница“ од Скопје ја објави книгата „Нови драми“ од македонскиот прозаист и драмски автор Томислав Османли.

Книгата содржи две пиеси, една со историска, другата на современа тема: „Нишала од злато“ е посветена на темите на страста, моќта и суровоста среде стоичката мултикултура на Балканот; и пиесата „Враќање дома“ која говори за изневерените и заборавени вредности, што ги тера младите да се оттуѓуваат и да заминуваат од земјава.

Двата драмски текста се сосем блиски – истакнува книжевникот и издавач Глигор Стојковски во својот аналитичен вовед во книгата – Тие се блиски според густата драмска структура, според тревожните, трагични судбини на ликовите… и според основниот симбол – домот – главниот стожер врз кој се потпираат разгранетите идеи, богатите социолошки, политички, културолошки, психолошки анализи кои толку убедливо и јасно ни ги принесува нивниот автор…

Драмите на Османли се проследени со исклучителните поговори на двајца истанкати литерати и критичари: „Анатомија на драмата на страстите“ од Акад. Ферид Мухиќ и критичката согледба „Пред налетот на епохата на безумието“ од Ристо Лазаров.

Томислам Османли на македонската книжевност ѝ подарува две врвни драми – заклучува Глигор Стојковски во својот преговор насловен „Лажните домови“ – Тие се читаат во еден здив, остануваат долго во свеста на читателот… впрочем, како што останува секое врвно книжевно дело.

Пред неколку месеци, издавачаот „ВиГ Зеница“ ги публикуваше и двете тематски книги насловени „Драми за Скопје“, исто така од Томислав Османли.

На крајот од месецов предвидена е промоција на најновата книга на македонскиот драмски автор и прозаист.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.