Издавачката куќа „Антолог“ од Скопје соопштува дека во рамките на проектот Храбри нови зборови, прекрасни нови светови / Europe is BRAVE NEW WOR(L)DS ја објави книгата „Вознемирани луѓе“ од познатиот шведски автор Фредрик Бакман.

„Вознемирени луѓе“ е апсурдна комедија за заложничка драма што се случува среде презентација на стан за продажба.

Неуспешен ограбувач на банка се затвора со група луѓе со чудни, необични карактери. Разбојникот на крајот ќе се премисли и ќе ги пушти сите заложници, но, кога полицијата влегува внатре, станот е – празен. Во серија од дисфункционални сослушувања на сведоците во полициската станица, читателот има можност да ги следи детално различните верзии на тоа што всушност се случило, при што се развива едно класично составување на мозаик околу неколку прашања: Како успеал да избега разбојникот? Зошто се сите толку гневни? И во што е проблемот со луѓето во денешно време?

Потресен и шармантен роман за злосторство што никогаш не се случило, потенцијален разбојник и осуммина крајно вознемирени странци, кои сметаат дека имаат повеќе заедничко отколку што замислувале.

Полна хумор и емпатија, „Вознемирени луѓе“ е генијално конструирана приказна за трајната моќ на пријателството, простувањето и надежта – нештата што нè спасуваат дури и во немирни времиња.

Само шест гласови ја делеа најновата книга на омилениот Фредрик Бакман од победничкото место на „Goodreads choice awards“ во категоријата „Најдобра прозна книга за 2020 година“. Наскоро и – ТВ-серија на Netflix.

Македонското издание на книгата oбединува два јубилеја. Го носи редниот број 300 во едицијата „Бранови“, инаку најбројната едиција на издавачка куќа во независна Македонија, а „Вознемирени луѓе“ излегува истовремено и со јубилејниот четириесетти роденден на Фредрик Бакман, како своевидна честитка за него од неговиот македонски издавач, за што и авторот упати посебна благодарност.

Фредрик Бакман (1981) е шведски писател, блогер и колумнист. Неговите книги се продадени во милионски тиражи низ целиот свет, со што станал еден од најпопуларните писатели за сите генерации читатели. Пишува романи проткаени со оригинален хумор и со искрена човечка трогателност. Преведен е во повеќе од четириесет држави. Живее и работи во Стокхолм, со својата сопруга и со двете деца.

Во изданието на „Вознемирени луѓе“ на македонски јазик преводот од шведски е дело на Ивица Челиковиќ, а графичкото уредување е на Марко Трпески. Книгата е објавена со поддршка на програмата Креативна Европа на Европската Унија и на Министерството за култура на Република Македонија.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.