Издавачката куќа „Антолог“ го објави „Потекло“, третиот роман на Саша Станишиќ, босанско-германскиот автор, добитник на најзначајната грманска книжевна награда „Deutscher Buchpreis“ за 2019 година.
Романот е вонсериско дело што освојува на прво, второ и на секое следно читање.
Авторот раскажува за своето детство во родниот Вишеград, созревањето во германскиот Хајделберг и доаѓањето во посета кај својата болна баба во Босна. Ова е роман на сеќавања и спомени, во кој писателот сопственото искуство го преплетува со семејни анегдоти, градејќи ја одново приказната за своето семејство. Ова е и роман за шареноликиот свет на дијаспората, каде што потеклото истовремено е и битно и небитно. Но пред сè, ова е роман за љубовта, трогателно опростување од саканата баба, која тоне во деменција.
Вака стојат нештата: земјата во која сум се родил денес веќе ја нема. Додека постоеше, се сметав себеси за Југословен. Како и моите родители: татко ми – Србин, a мајка ми – од бошњачко муслиманско семејство. Бев дете на мултиетничка земја, плод и исповед на двајца луѓе што се сакале и кои југословенскиот melting pot ги ослободил од притисокот на различното потекло и религија“, пишува Станишиќ во романот.
Топол, близок, духовит и живописен роман, кој ја плени германската публика, а веќе почна да го освојува и Балканот.
За разлика од други постјугословенски автори што ја создаваат својата книжевност во тесните, зададени рамки на идентитетскиот кафез, Станишиќ сам отвора рамки и дефинира идентитети“, коментира во својата рецензија за романот познатиот книжевник Миљенко Јерговиќ.
Саша Станишиќ (1978) е босанско-германски писател. Роден е во Вишеград oд мајка Бошњачка и татко Србин. Во 1992 година пребегнуваат во Германија. Студирал славистички студии во Хајделберг. Со првата книга дебитира во 2006 година. Добитник е на голем број награди и преведен е на триесетина јазици. За „Потекло“ ја добива најзначајната книжевна награда во Германија, што од него прави книжевна ѕвезда.
Во изданието на „Потекло“ на македонски јазик преводот од германски е дело на Елена Конеска Светиева, а графичкото уредување е на Марко Трпески. Книгата е објавена со поддршка на програмата Креативна Европа на Европската Унија, Министерството за култура на Република Македонија и книжевната мрежа Традуки.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.