Издавачката куќа Готен го објави романот „Циганин, ама најубавиот“ од хрватскиот писател Кристијан Новак. Станува збор за роман кој е еден од најнаградуваните хрватски романи во последните години, добитник на најрелеватните награди за проза во Хрватска: наградата „Т портал“, „Ксавер Шандор Галски“ и „Фран Галовиќ“. Преводот од хрватски јазик е на Владимир Јанковски.

„Циганин, ама најубавиот“ е роман кој може да се чита како криминалистички роман, љубовна приказна, општествена критика, како и филозофски роман за тоа колку нештата навистина се такви какви што изгледаат.

Протагонистите сочинуваат интригантна галерија од ликови кои ги препознаваме од нашите стравовите во секојдневието. Но, она што од овој роман прави неповторливо читателско искуство е мајсторскиот начин на кој тие се вклопени во приказната.

Младиот Ром Санди кој се вљубува во Милена, 40-годишна бела жена, неправедно избркана од работа. Нузат, Курд од Мосул, кој го напушта семејството и земјата опфатена од војна, во потрага по подобар живот на Запад. Планчиќ, лице задолжено за односи со јавноста во загрепската полициска управа, кој е пратен на местото на случувањата за да ги неутрализира можните непријатни настани поврзани со убиството што можат да експлодираат во насилство и голем политички скандал. Неговиот партнер, опседнат со мании на гонење и апокалиптични визии. Ветеранот од Татковинската војна, кој го одржува кршливиот мир во селото. Сите овие ликови се вкрстуваат во исклучително динамична и полна со напнатост приказна. Сето тоа прави „Циганин, ама најубавиот“ да биде раскошна мрежа од приказни, емоции, необични судбини.

Кристијан Новак (1979) е хрватски писател, лингвист и универзитетски професор. Првиот роман „Обесените“ го објавува во 2005 година, во 2013 следува „Црна мајка земја“, а во 2016 романот „Циганин, ама најубавиот“. Според „Циганин, ама најубавиот“ е настаната и театарска претстава во продукција на Хрватскиот народен театар во Загреб, во адаптација на Ивор Мартиниќ, а во режија на Ивица Буљан. Новак е автор и на социолингвистичката студија „Повеќејазичноста и колективниот идентитет на Илирите“.

Владимир Јанковски (1977) завршил општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Активно се занимава со книжевен превод. Преведува од хрватски, српски, босански и англиски јазик. Од хрватската книжевност превел книги од Горан Трибусон, Миљенко Јерговиќ, Слободан Шнајдер, Зоран Фериќ, Павао Павличиќ, Емир Имамовиќ Пирке, Миро Гавран, Тена Штивичиќ, Роберт Перишиќ, Дамир Каракаш, Дубравка Угрешиќ и други.

Издавањето на книгата е поддржано од програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.