Книжарницата „Или-или“ денеска ја заокружува 2018 година.

фото: Фејсбук

-Ќе бидеме во книжарница таму некаде, до 17 часот и кусур. Ова се нашите изданија и реизаднија за оваа година со кои се надеваме дека ги задоволивме Вашите ценети книжевни вкусови. Накратко: „Одбројување“ на Фросина Пармаковска беше прогласен за „Роман на годината“, се радувавме на соработката со Кица Колбе на нејзиниот прекрасен роман „Земја на беглаци“, ги издадовме новите ракописи на лауреатите Петар Андоновски, Давор Стојановски, Ненад Јолдески, како и оние на женското крило во едицијата „ПРОаЗА“, Оливера Ќорвезироска, Ирена Јорданова, Силвија Митевска. Читаните романи „Резервен живот“ и „НО-УИ“ на Лидија Димковска доживеаја четврто и второ издание, а „Мојот маж“ дури петто. Отворивме и нова, детска едиција, со книгата на Калина Малеска „Арно ама“, продолживме да ги поддржуваме и дебитантите со првата збирка раскази на Илија Илов, „Пластични раскази“, додека Игор Анѓелков не’ почести со уште една книга за Седмата уметност. Од преводната литература, горди сме на издавањето на исклучителните наслови на нашите стари познаници Господинов, Кристенсен и Хаж, а Румена Бужаровска на најдобар можен начин ја финишираше оваа наша успешна издавачка година со второ издание на „Не одам никаде“ за само 18 денови. Со надеж дека следната година ќе биде уште подобра, Ви посакуваме убави празници, велат Игор и Ненад од „Или-или“.

Викендов љубителите на книжевноста во книжарницата „Или-или“ можеа да се дружат со авторката Румена Бужаровска, која потпишуваше нејзини книги. Месецов во МКЦ во Скопје се одржа промоцијата на нејзината нова збирка раскази „Не одам никаде“, која за кратко време наиде на голем интерес кај читателите и веќе се подготвува и второтo издание.

фото:Фејсбук

Во исто време се појави и петтото издание на нејзината книга „Мојот маж“, збирка раскази што во изминатите две години се преведена речиси на сите балкански, но и на неколку европски јазици.

Ова беше одлична можност за љубителите на домашната книжевност да се подружат со една од нашите најуспешни авторки од новата генерација македонски писатели, како предновогодишен подарок за читателите на изданијата на „Или-или“.

„Не одам никаде“ е своевидно продолжување и надградување на веќе препознатливиот содржински и стилски раскажувачки манир на оваа современа македонска писателка.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.