Најновиот филм на режисерката Теона Стругар Митевска, „Најсреќниот човек на светот“ се снима во просториите на Националната и универзитетска библиотека „Свети Климент Охридски“ во Скопје.

Филмот е во продукција на „Брат и сестри Митевски“, поддржан е од Агенцијата за филм на Република Македонија и е копродукција меѓу пет земји – Македонија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Белгија и Данска.

Продуцентката Лабина Митевска изјави дека локацијата е избрана по долго барање од пет-шест месеци, бидејќи цел филм се случува во една просторија.

Се одлучивме токму да биде во овој прекрасен објект. Најголем дел од филмот, односно четири недели го снимаме токму овдека. Ја окупиравме библиотеката веќе два и пол месеца сме тука и првенствено се одлучивме поради визуелниот аспект на специфичната архитектура на самиот објект – она што најмногу ја фасцинираше Теона. Но, и од луѓето кои работат тука, кои се пред се историчари, професионалци кои со отворени раце не дочекаа, но исто така бевме и разочарани од целата состојба во која ја најдовме самата библиотека – вели Митевска во изјава за новинарите на самиот сет.

Таа вели дека како филмаџии, одлучиле да помогнат со реновирање на големата читална и упати повик сите заедно да придонесеме за враќање на достоинството, сјајот и животот во НУБ.

На оваа локација екипата ќе снима уште три недели, а потоа ќе следи уште една недела снимање во Сараево.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.