Македонската режисерка Нина Николиќ на сцената на Македонскиот народен театар (МНТ) почна да ја работи претстава „Нема да биде крај на светот“ од авторот Аднан Лугониќ. Проектот е во продукција на Перипетија продукција, a во копродукција со МНТ и Сараевски ратни театар — САРТР од Сараево (Босна и Херцеговина).

Во претставата играат Дарја Ризова, Саша Ханџиќ и Џана Џаниќ. Костимограф е Ивана Каранфиловска – Угуровска, а сценограф е Ангел Петровски.

Изборот на музиката и адаптацијата е на Оливер Митковски, во претставата се користи и композицијата „Магдалена“ од Димитар Масевски, а како соработник за македонски јазик се потпишува Ѓорѓи Јолевски.

Бидејќи станува збор за копродукциски проект меѓу два театри, претставата ќе има две премиерни изведби во двете земји. Првата премиера ќе се одигра на 18 септември на сцената на САРТР – Сараево, а втората премиера е предвидена за ноември на нашата матична сцена, согласно со протоколарните мерки за заштита од Ковид – 19.

Претставата се занимава со рушењето на интимните светови. Сите три лика од оваа драма под кожа ја носат пропаста на сопствениот свет. Односно, светот каков што го замислувале за себе, за кој се бореле, кој го граделе или за кој мислеле дека ги чека, а тие требало само да му излезат во пресрет… Собрани под покривот на куќата во која се случил распадот на нивниот заеднички, семеен свет, тие своите индивидуални кршења си ги откриваат едни на други, велат од МНТ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.