Новиот албум на Влатко Стефановски беше претставен во „Литература.мк Суперстор“ како дел од новогодишниот онлајн настан на „Арс Ламина“ и „Литература.мк“
Сакам да сум полежерен одошто сум и да сум порелаксиран одошто сум. Музиката што ја направив заедно со соработниците сакав да звучи опуштено со оглед дека сите сме под притисок од секојдневниот стрес од информациите што нè напаѓаат и електронските играчки коишто се преполни со шокантни вести. Најмногу уживам кога ќе пуштам некоја плоча, што често го правам, за да се исклучам и да се навратам кон некои помирни времиња, вели гитарскиот виртуоз Влатко Стефановски за албумот „Тафталиџе шафл“ („Taftalidze shuffle“).
Се работи за весело и романтично музичко издание со 9 нумери. Учествуваат и Никола Ристановски, Диран Тавитјан, Кирил Џајковски, кои го дадоа својот придонес и печат на албумот. Стефановски, откако го смислил насловот веќе немало сопки и паузи во неговото создавање.
Тафталиџе како населба е фанк-населба и секаде околу мене имаше некој од мојата генерација кој страсно собираше плочи и тој фанк или лајт џез преовладуваше. Тафталиџе во шеесеттите и седумдесеттите години живееше една убава средна класа и тој лајт џез и фанк едноставно прилега на населбата, изјави Стефановски.
Како што оцени новинарката Костиќ-Марковиќ, ова е еден вид омаж на младоста кој, пак, брзо бил креиран, а омотот е на Ладислав Цветковски. Издавач е „Кроација рекордс“ и придружниот вокал е Андријана Јаневска. Воедно, на настанот беше промовиран и спотот за песната „Огледало“ која е дел од овој нов албум.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.