Филигранот претставува уметност, еснаф, богатство и култура на еден народ. Вангел Деребан живееше за да твори и да покаже на светот колку е богат духот на Македонецот и да го пренесе на поколенијата сето свое знаење и вредности за да создадат здрава иднина, рече Никола Деребан на вчерашното отворање на Музејот посветен на неговиот дедо, некогашен врвен светски реномиран кујунџија Вангел Деребан.
Во овој објект, можете да пловите низ времето – да го посетите минатото и да ги видите богатствата на македонскиот народ, да купите парче накит изработен во најновите трендови, задржувајќи ја магијата на традиционалниот филигран и на крај да го посетите местото каде ќе се раѓаат идните филигранисти и ќе се учат вредностите на занаетот, филигранот и македонскиот накит. Со реализирање на овој проект, со поддршка на Европска Унија преку програмата Проект за локална и регионална конкурентност го исполнуваме неговиот аманет да го продолжиме неговиот пат и да ја негуваме традицијата, да го промовираме македонскиот накит и нашето богатство пред светот. Од денеска, работилницата и Музеј на филигранот на Вангел Деребан ќе биде на мапата на македонски музеи во кои се негува македонската вековна култура и традиција, изјави Никола Деребан на вчерашното свечено отворање на Музејот.
На настанот според сите Ковид протоколи присуствуваа видни гости од дипломатијата, политиката, уметници и занаетчии кои дискутираа за македонската традиција во придружба на класична музика.
Инаку, Никола Деребан е и коавтор на книгата Македонскиот накит, нова едиција на книгата на неговиот дедо со ист наслов, кое е значајно четиво во кое е претставено целокупното наследство на македонската историја.
Вангел Деребан е роден во Струга во 1920 година, живееше 93 години, тој беше шеста генерација филигрански мајстори на фамилијата Деребан. Сребрената пеперутка позната по тв спотот „Купувајте македонски производи“ која се чува во националниот Музеј на Македонија ја има изработено неговиот татко Александар.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.