Скопје минатата ноќ беше домаќин на светската ѕвезда Андре Риу (André Rieu) и неговиот Јохан Штраус оркестар. Станува збор за несомнено еден од најпопуларните интернационални музичари на нашето време, кој со целиот настап придружуван од оркестарот и извонредните солисти на сцена покажа огномет од емоции, талент и совршена забава со светски познатите мелодии полни со душа, но и хумор и бројни изненадувања за публиката, почнувајќи од снегот кој буквално паѓаше врз публиката како одличен елемент во целата зимска слика на „Snow Waltz“, па до громови проследени со специјални визуелни и светлосни ефекти и балоните што „паднаа од небо“ пред крајот на концертот.
За жал, публиката повторно не покажа почитување кон уметниците и повторно доцнеше. Иако организаторите претходно објавија упатства според кои вратите ќе се отворат во 18.30 часот за сите да се сместат на време за концертот кој почнува точно во 20 часот, повторно бевме сведоци на истрчување среде концерт, турканици, па станување на цел ред за да си дојдат на местото, па шеткање по партерот додека да утврдат каде е нивното столче…а концертот почна на време-точно во 20 часот. Музичарите од „Јохан Штраус оркестар“ предводени од Андре Риу поминаа низ публиката во партерот и откако се поздравија со публиката се качија на сцената. Можете само да замислите како изгледаше сликата кога тие минуваа присутните ракоплескаа за добредојде, а оној дел од публиката што доцнеше беа задржани од обезбедувањето во холот додека да почне концертот. Откако им беше дозволено да влезат се туркаа , трчаа кон своите места…срам невиден. И тоа не е се. Слично беше и на паузата. Но, овој пат реагираше самиот уметник. Замислете, Андре Риу од сцената ги опомена јавно за нивното доцнење!!!
Ние сме тука, но вие не сте овде. Дали ова е секогаш вака во Скопје?, праша од сцената гледајќи во оние кои влегуваат без трошка срам.
Потоа продолжи да се шегува на нивна сметка.
Јас сум од Скопје, рече и ги имитираше на сцената како мнооогу полека се движат кон своите места.
Со оглед на тоа дека некои од нив не ја сфатија забелешката и си продолжија да влегуваат и по завршувањето на паузата, Андре почна да им свирка со уста и да им покажува со раката да побрзаат.
Ајде побргу, треба да почнеме, рече, давајќи им знак со раката да побрзаат.
Дали некогаш ќе научиме дека на секој настан се оди на време? И секако таму треба културно да се однесуваме, без да се трча пред бината додека изведувачот настапува и да се прави „селфи“, но и да се ракоплеска на вистинските места…
Сето ова секако не успеа да го помати чувството дека гледавме спектакл во вистинска смисла и празник за сите сетила. Музичарите со кои Андре Риу, како што рече, настапува 35 години, покажаа дека се вистински професионалци, врвни уметници кои си ја знаат работата . Беспрекорната изведба на „Nessun Dorma“, „Aleluja“, „You rаise me up“, „Im Weissen Rössl“, „The Lonely Shepherd“, па песната на Лара од филмот „Доктор Живаго“, следуваше блок од руски песни со тројца музирачи од Русија кои ја изведоа познатата „Калинка“, не пренесоа на Дунав со валцерот „На убавиот син Дунав“, арии од „Риголето“ и повторно блок од италијанска музика…Буквално приредија незаборавно музичко патување.
Сите луѓе секогаш ќе имаат различно мислење за за нештата. Во семејството, меѓу пријателите, во политиката…Брегзит или не Брегзит, Европа или не, граници или без граници..Музиката секогаш ги обединува луѓето и за неа не постојат граници и затоа за крај ќе ја изведеме „Сите луѓе ќе бидат браќа“. Можеби ќе се видиме повторно, рече на крајот Риу.
По оваа изведба, балони ја преплавија салата и следуваше неповторливиот „Радецки марш“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.