Лесна и приемчива театарска претстава, но со повеќеслоен текст кој во себе крие приказни и отвора многу прашања, донесоа премиерно актерите на Драмски театар Скопје, синоќа во рамките на драмската програма на фестивалот „Охридско лето“.
Премиерната изведба на театарската претстава „Несоодветно за на работа“ од Луси Кирквуд, во режија на големиот холивудски актер и режисер Доналд Ворен Мофет прикажа серија екстремно луцидни и на повеќето од нас толку познати и блиски сцени од медиумското секојдневие.
Драмата долови јасна слика од секојдневието во едно местастазирано општество, прикажувајќи ја немилосрдната експлоатација која почнува, завршува или се прекршува врз женското тело.
Демонстрацијата на моќ, отсекогаш била поврзана со родовите прашања. „Несоодветно за на работа“ покажа колку малите луѓе можат да бидат ставени во позиција да немаат избор и како човекот живее во свет во кој се обидува да негува надеж дека сепак, има нешто што не е на продажба.
Современата британска драматургија е карактеристична по отвореноста кон различните тематски дискурси, и без исклучок инсистира на тематска поврзаност со актуелни општествени прашања и превирања. Тематското покривање на проблемите и прашањата на маргинализираните општествни групи во современиот театар е сеприсутно од повеќе причини, потребата од општествено ангажиран театар кој има за цел да поттикне на размислување и да провоцира јавно мислење и став за прашања блиски до маргинизираните општествени групи.
Авторката на драмскиот текст „Несоодветно за на работа“, Луси Кирквуд, е претставничка на современата британска драматургија. Во ова дело се истакнува, критикува и потенцира присутноста на објективизацијата на женското тело и жената воопшто, генерациски проблем со којшто се соочува женската популација.
Улогите ги толкуваат Ирена Ристиќ, Сања Арсовска, Игор Ангелов, Зоран Љутков, Дамјан Цветановски и Стефан Вуисиќ. Сценограф е Константин Трпеновски, а костимограф Александар Ношпал.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.