До 19 октомври во книжарницата „Или-Или“ се одржува неделата на актуелните добитници на Нобелова награда за литература за 2018, полската писателка Олга Токарчук и за 2019, австрискиот писател Петер Хандке.
„Или-Или“ го има објавено нејзиниот најдобар и најнаградуван роман „Талкачи“, во превод од полски на Лидија Танушевска.
Романот „Талкачи“ е метафора за современиот човек кој е во постојано движење. Романот претставува патување низ просторот, континентите и вековите, мешавина од судбини на различни луѓе, информации за необични феномени и научни предавања, кои читателот ги консумира како во воз чии патници постојано се менуваат и раскажуваат различни приказни.
Во издание на „Или-или“ е и култниот роман „Стравот на голманот од пенал“ на Хандке, во превод од германски на Ива Фиданчева.
“На монтерот Јозеф Блох, кој порано беше познат голман, претпладнето кога се пријави на работа, му соопштија дека е отпуштен.” Така почнува новелата на Петар Хандке, која веќе стана класика. Таа не е ниту психограм на еден убиец, ниту патолошко истражување за некаков социјален аутсајдер, туку повеќе парабола за еден непознат свет кој повеќе не може да се именува.
„Стравот на голманот од пенал“, според кој Вим Вендерс го сними прочуениот истоимен филм, го лансираше Хандке меѓу најважните европски писатели во втората половина од 20 век.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.