Техамана Лазар (44), единствената жена-трубач во Македонија вечерва во Младинскиот културен центар (МКЦ) во 20 часот ќе пее и ќе свири на овој инструмент на заедничкиот проект меѓу „Далас блек денс тиатар“ (Dallas Black Dance Theatre), Тони Китановски и Черкези оркестарот и Асоцијацијата „МакеДокс“.
Проектот обединува афро-американски танчери, ромски музичари и македонски филмаџии со цел да го истражуваат и да го зачуваат афро-американското и ромското наследство, со креирање на современо танцово дело, кое ги обединува двете култури и продуцира креативен документарен танцов филм.
Јас сум лик кој треба да го претстави ромското општество, култура, музика, јазикот. Личност која дава слика за Ромите во целина. На настапот во среда би требало да пејам и да се вметне трубата како инструмент, што значи дека ќе пејам и ќе свирам, вели во разговор за „Република“ Лазар.
„МакеДокс“ е дел од овогодинешните проекти на Communities Connecting Heritage (CCH) во партнерство со Dallas Black Dance Theatre. Проектот „Проширување на објективот“ ќе го истражува и документира афроамериканското и ромското наследство со креативен документарец каде афроамерикански танчери ќе танцуваат на ромска музика на различни локации во Далас и Македонија. Техамана беше дел од македонскиот тим кој го сочинуваа кој гостуваше во Далас.
Во Далас, при посетата може да се истакнат неколку добри работи, да се научат од други култури и религии, посебно од оние кои не ги среќаваме често во нашето опкружување. Америка има многу правила кои бараат многу труд. Ние, за разлика од Американците, сме многу поопуштени. При посетата на Далас бевме многу ангажирани. Агендата ни беше таква и немавме многу време за опуштање, вели Техамана.
Техамана и музчичарот со светски глас Тони Китановски се познаваат повеќе години. Во 2012 година тој ја повика да соработуваат на неговиот албум.
Работам на две места. Предавам ромски јазик во училиштетот „Браќа Рамиз и Хамид“ во Шутка и второто работно место ми е како професор по музика. Предавам вокал, солфеж и труба. Тоа е организација или училиште која се вика „Рома рок скул“. Тоа значи дека не изучуваме само ромска музика, туку се занимаваме со учење и на други правци, вели Техамана.
Љубовта кон трубата Техамана ја добила од својот татко, кој свири на овој инструмент.
Уште од малечка многу се заинтересирав за тој инструмент и нормално, како и секое дете, сакав да пробам да учам да свирам. Кога пробував, излегуваше тон, што е многу чудно за едно девојче. Се запишав во нижо музичко училиште. Сите ме прашуваа што сакаш да свириш, а јас одговарав ‘труба’. Секој инструмент си има свои потешкотии, не можам да кажам дека немав проблеми. Потребно е многу вежбање и да се посветите на инструментот што е можно повеќе. Јас многу се израдував која слушнав дека две девојчиња од школото „Браќа Рамиз и Хамид“ сакаат да свират на труба. Тие почнаа да импровизраат со хорна, ама мали се, почетници. Не знам дали ќе доаѓаат на часови. Жена да земе труба и да свири, тоа е малце за нашето општество е баук. Не е секојдневно. Не знам дали девојчињата ќе продолжат, вели Техамана.
Вечерта во МКЦ се заокружува со концертен настап на Тони Китановски и Черкези оркестар.
„Далас блек денс тиатар“ оваа година прославува 42 години од основањето и најстара танцова компанија во Далас, САД, составена од 12 танчери, кои изведуваат разновиден репертоар, како модерен танц, џез, современи танцови кореографии со примеси на етно и спиритуални елементи. Гостувањето се остварува со поддршка на Амбасадата на САД и дел од танчерите овие денови се гости во Македонија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.