Наташа Сарџоска во Спомен-собата на Миладиновци во рамките на Градската библиотека „Браќа Миладиновци“-Скопје ја промовираше поетската книга „Крстна коска“. За најновата книга на Сарџоска зборуваше Владимир Мартиновски, а стихови интерпретираше актерката Софија Настевска.
Сарџоска има објавено голем број есеи, книжевни преводи, раскази и неколку стихозбирки. Преведена е на повеќе јазици и објавена во САД, Италија, Аргентина, Србија, Колумбијa.
Сакав да напишам книга за поразот, книга за болката, болката на таткото, на ќерката, на прогонетиот, на човекот што губи дом, јазик, татковина, на жената што губи дете, на осамениот човек, на болните луѓе препуштени на немилоста на лошиот здравствен систем. Сакав таа болка да ја пренесам преку телесноста, преку крс(т)ната коска во којашто се вкрстени сите кардинални нерви, каде што се раѓа животот, во тоа невидливо невралгично жариште на нашиот рбетен столб. Затоа ја вметнав буквата Т (во лексичка низа првиот збор што го учиме на буквата Т е татко), токму како крст, како симбол за ограниченоста и конечноста на човечкото тело. Сакав да напишам книга за погромот на Евреите, кој е внедрен во секој од нас, преку човечката коба да се вперува злото секогаш некаде другаде, освен во себеси самите, книга за Shoah/Шоа којашто сѐ уште трае во сите нас, во нашиот свет, во застојот на цивилизацијата, во прекинот на творештво и производство, во онтолошкиот престанок и понор во секој од нас, раскрстен од немилосрдноста на потрошувачките општества, во коишто сите сме ние само број, повикани и изложени по број на поморот на обесчовечувањето, вели Сарџоска.
Наташа Сарџоска, родена 1979 година во Скопје, е поет, есеист, писател, литературен преведувач, полиглот. Ги објавила книгите поезија „Сина соба“, „Кожа“, „Тој ме повлече со невидлив конец“, „Жива вода“ во Македонија и „Pelle“ во Италија.
Нејзините песни се преведени и објавени на некоклу јазици и објавени во поетски антологии во Словачка и Германија. Ја има добиено наградата од Министeрството за надворешни работи на Италија за најдобар есеј во 2002 година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.