На манифестацијата на „Битолски весник“ на која беа прогласени најуспешните битолчани за 2018 година, актерката Јоана Поповска го доби високото признание за трајни вредности.

Таа е доајен на Народниот театар од Битола, извонредна актерка, првенка на Народниот театар во Битола, која со еднаков успех настапувала во дела од различни жанрови. Подеднакво се експонирала во дела од антиката, комедијата, психолошката драма и трагедијата, наметнувајќи се со својата инспиративна игра и со својот богат сценски темперамент.

Родена е во 1943 година, во Битола. За првпат на сцената на Народниот театар – Битола се појавува како петгодишно дете, играјќи го ликот на детето во претставата „Печалбари” од Антон Панов , а на шеснаесет години, заради извонредниот талент, станува редовен член на колективот на Битолскиот театар и со децении е на самиот врв, играјќи мошне интензивно и без здив.

Најзабележителни нејзини остварувања кои се издвојуваат во огромниот список на одиграни ликови се: Катерина во „Бура” од Островски, Офелија во „Хамлет” од Шекспир, Дездемона во „Отело” , Петрунела во „Дундо Марое” , Живка во „Госпоѓа министерка”, Електра во „Агамемнон.

 

Со зачудувачка леснина и спонтаност, со бујна разиграност и фантазија креира ликови од детската драматургија: Дивна во „Педаче” од Љубиша Ѓоќиќ , Мери во „Сенката на Господинот Вип”, Пипи во „Пипи долгиот чорап” и Дороти во „Големиот волшебник” .

Во периодот од 1978 -1995 година таа го напушта театарот под Пелистер и преминува во драмата на Македонскиот народен театар во Скопје. Но и покрај тоа, таа како гостин со несмален интензитет и соживеаност го игра ликот на Велика во „Пиреј” од Петре М. Андреевски. И по нејзиното пензионирање, таа интензивно продолжува да настапува, останувајќи верна на својата битолска публика.

Со улогата на Мара во „Свадбата на Мара” го постигнува најголемиот успех. Само во една година освојува три врвни признанија: наградата „Златен ловоров венец” на МЕС Сараево, Стерјината награда за најуспешна актерска креација и највисокото републичко признание „11 Октомври”. Со својата оргиналност, неуморност, внесувајќи се во секој лик, се здобива и со три артистички награди и наградата „Војдан Чернодрински” за животно дело, а со претставата „Трите високи жени” со престижната награда „Ристо Шишков” за најдобро актерско остварување. Трипати ја има добиено наградата „Европски актер”.

Во изминатите 58 години актерска кариера одиграла околу 370 улоги со над 3.100 изведби и освоени врвни актерски награди“ стои во образложението на признанието за трајни вредности.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.