Најубавите камерни дела напишани за виолина и пијано од германскиот композитор Јоханес Брамс синоќа беа вистинско музичко и емотивно патување за публиката на фестивалот „Охридско лето“ преку изведбата на двајцата млади уметници од Србија, виолинистот Драган Средојевиќ и пијанистот Ненад Ивовиќ.

Концертниот репертоар ги содржеше сите Брамсови сонати за овие два инструмента преку префинетата изведба на младите српски уметници

Донесовме интересна програма за публиката, но потешка за изведба. Често ги свириме сите Брамсови сонати на еден концерт. Многумина ги свират, но не сите негови сонати заедно на еден концерт. Тоа се всушност неговите комплетни дела за виолина и клавир што ги напишал Брамс. Станува збор за маратонски проект што има големо значење, рече виолинистот Драган Средивојевиќ.

Овој виртуозен српски виолинист кој концертира ширум целиот свет, музицира на инструмент стар повеќе од два века.

Свирам на виолина направена од францускиот мајстор Франсоа Лупо од 1775 година и ми се чини дека е соодветна токму за овој амбиент. Ја добив од еден многу љубезен колекционер од Белгија. На неа свирам веќе неколку години. Инаку, првпат сме на „Охридско лето“ и задоволството е огромно. Овие ѕидови на црквата „Света Софија“  зборуваат сѐ, не им треба музика, но ние сме тука ако може да го надополниме овој прекрасен амбиент. Знам дека овде свиреле Леонид Коган и многу врвни уметници, се чувствува таа силна аура и навистина е премногу убаво, додаде српскиот виолинист кој на 25-годишна возраст стана најмладиот концерт-мајстор на Лондонскиот симфониски оркестар.

И неговиот колега, пијанистот Ненад Ивовиќ кој во својот пијанистичкистички стаж е добитник на бројни награди и признанија, првпат настапува на фестивалот „Охридско лето“.

Немам зборови со кои ќе го опишам мојот прв престој во Охрид. Црквата е преубава, луѓето, градот и атмосферата се прекрасни, многу добро сме најавени и пречекани. Задоволство беше да се свири  во Охрид. Ние сме добро изверзиран тандем веќе 15-тина години. Не настапуваме многу често заедно, но ваквите прилики како фестивалот „Охридско лето“ се добра можност да се сретнеме и да го дадеме најдоброто од нас. Она што го свиревме беа капиталните дела на Брамс за класична музика, најубавите, најтешките, и физички и емотивно. Нивната изведба бара една животна зрелост кај уметникот. Пред 10-тина години не ни помислуваме да ги свириме овие сонати, рече пијанистот Ивовиќ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.