Најстарото историско здружение во Македониија втора година по ред не добива средства за печатење од Годинашната програма за финансирање на Министерството за култура. Тие на фејсбук бараат помош од поединци и фирми кои се расположени да помогнат за издавање на списанието „Историја“ во два броја, со цел да се продолжи континуитетот на списанието.

„Научното списание „Историја” втора година по ред не добива средства за печатење од Годишната програма за финансирање на Министерството за Култура. Лани бевме одбиени бидејќи не сме биле од “национален приоритет”, а само да потсетиме дека ЗИРМ е најстаро историско здружение во Р. Македонија формирано 1952 година, додека списанието ИСТОРИЈА е едно од најстарите научни списанија кои се занимаваат со историјата на Македонија.

Лани поднесовме жалба, но за жал не добивме никаков повратен одговор, оваа година не планираме да го правиме тоа.

Ги замолуваме сите оние поединци и фирми кои се расположени да помогнат за издавање на списанието во два броја да ни се обратат, се со цел да го продолжиме континуираното негово печатење“ пишува во нивната објава на Фејсбук.

Годинашната програма на Министерството за култура предизвика многу незадоволство во јавноста, откако големи фестивали и културни манифестации останаа без никаква или со сосема симболична помош од државата на смета на некои други, помалку познати или афирмирани културни настани. Синоќа премиерот Зоран Заев изјави дека ќе се ревидира дел од програмата на Министерството за култура.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.