„Фолклорни допири“ е насловот на завршниот концерт на ансамблот на народни игри и песни „Орце Николов“ кој ќе се одржи во вторник, 17 декември во 20 часот во Дом на АРМ. Оваа година завршниот концерт е како еден вид најава за следната година кога „Орце Николов“ ќе го прослави големиот јубилеј, 75 години од постоењето, што го прави еден од најстарите ансамбли на народни игри и песни во Македонија.
Може да се пофалиме дека „Орце Николов“ е меѓу најстарите ансамбли на народни игри и песни кој следната 2020 година прославува 75 годишен јубулеј од постоењето. Оваа година завршниот концерт е како најава за следната година каде што ќе има два концерти – еден за отворањето и уште еден за затворање на јубилејната година. Зад нас се успешни 74 години, со многу награди и признанија, вели Наташа Милевска, поранешна играорка и учителка на детските ансамбли во „Орце Николов“.
На завршниот концерт во вторник ќе се изведат премиери на „Збирало“ каде што првиот ансамбл ќе одигра ора и песни од етничкиот предел Долни Полог, машкиот детски ансамбл премиерно ќе го изведе орото „Тешка крстачка“, а групата ветерани ќе изведе Градски игри од Велес „Од Којник до Прцорек“. Ансамблот „Орце Николов“ ќе ги изведе и „Радовишко оро“, потоа „Буките“, – „Поседница“ – „Рајко“, „Водарки“, „Жетваски игри и песни од Овчеполско“, „Цвеќеберачки“ и „Калајџиско оро“. Вокален настап ќе имаат Матеј Тушевски, Емилија Богдановска и Марија Ташевска, а народниот оркестар ќе има инструментална изведба.
Во ансамблот членуваат три детски групи: почетничка, средна и најголема детска група и првиот ансамбл кој е водечки. Во детскиот ансамбл членуваат околу 150 членови, а во првиот 70. Секоја година има и една група ветерани која има настап на завршниот концерт.
Првенствено мотивот да доаѓам и да бидам учител на овие деца не е финансиски, туку пред сè бидејќи сум поранешен играорец и имам огромна желба да ги научам моите деца да играат. Како учител работам одамна, повеќе од 20 години, почнувајќи од Пионерскиот дом „Каропш“ па потоа дојдов во „Орце Николов“. Низ овој ансамбл поминале многу деца, многумина од нив играат во првиот ансамбл. Главен мотив се моите деца, да бидат играорци, да нè наследат мене и мојата сопруга, вели Марјан Ниновски, поранешен играорец и учител во детскиот ансамбл.
Низ салата на „Орце Николов“ поминале многу познати играорци и музичари како што се Благој Петров-Караѓуле, Виолета Томовска, Стево Теодосиевски, Есма Реџепова, Кочо Петровски, Кирил Манчевски, Илија-Николовски-Луј, Никола Мартиновски, Драган Ѓаконовски-Шпато, Ѓорѓи Димчевски, Вања Лазарова, Анка Гиева, Гани Груби, Адиљ Аљуш, Тодор Трајчевски, Мухарем Сербезовски, Али Абдула, „Костурчанките”, Вики Среброва, Фана Шомова, Владимир Крстев, Мојца Седеу, Александар Коловски…
Доволен е фактот дека најголем дел од членовите на НУ Државен ансамбл на Македонија „Танец” потекнува од редовите на нашиот ансамбл, вели Милевска.
Ансамблот „Орце Николов” е формиран 1945 година со цел да ги негува и прикажува обичаите, народните игри, песните, музиката и носиите на Македонија и пошироко.
Во Ансамблот членувале повеќе од 15.000 членови кои приредиле околу 6.700 концерти во земјата и ширум светот. Концертите ги следеле повеќе милионски аудиториум, а уште десетици милиони гледачи ги следеле настапите на телевизиските канали во земјата, но и во САД, канада, Бразил, Куба, ДНР Кореја, Англија, белгија, Франција, Холандија, Швајцарија, Шпанија, германија, Италија, Чешка, Словачка, Полска, Португалија, Романија, Кипар, Турција, ТР Севрен Кипар, Словенија, Хрватска, Србија, Црна Гора, Босна и херцеговина, Албанија, Бугарија…
Како најстар ансамбл, секогаш се трудиме да бидеме најдобри. Тоа е обврска од постарите генерации. Ансамблот „Орце Николов“ отсекогаш бил еден од најдобрите, ако не и најдобар ансамбл во Македонија. Таа традиција треба да ја продолжиме и ние и другите генерации, додава Ниновски, кој заедно со Милевска се дел од групата ветерани и во вторник ќе настапат во сценската адаптација „Од Којник до Прцоерк“ каде што ќе бидат прикажани градски игри од Велес.
Насловот „Од Којник до Прцорек“ ги отсликува двата најстари маалски простори во Велес низ кој поминувале свадбените поворки. Ќе бида презентирани три традиционални ора и една една традиционална игра: „Рамновелешко“, „Адана“, „Ибраим оџа“ и играта „Мавили“.
Ансамблот во своето досегашно работење ги има ангажирано најпознатите имиња на македонскиот фолклор: Тофе Дракулевски-кореограф, Ѓорѓи Димчевски-композитор и аранжер, Владо Јаневски- доктор по етно-кореолошки науки , Мелита Илиевска-етномузиколог, Благица Илиќ- магистер по етно-кореолошки науки, Стојанче Костов-магистер по етно-кореолошки науки, Валентин Соклевски етно-кореолог, Новица Соколовски-професор по музика и академски музичар, Јовче Петковски-професор по музика.
За жал, оваа година „Орце Николов“ од Министерството за култура преку годишната програма за финансирање проекти од национален интерес добил само 30 илјади денари. Претходно, добивале финансиска помош за едно гостување, потоа за детските амсамбли, за една кореографија, за носии, за првиот ансамбл, но за 2019 година добиле само 30 илјади денари.
Ансамблот е носител на повеќе од 400-тини високи награди и признанија од земјата и странство и е врвен репрезент на македонскиот фолклор, а гостувајќи на голем број фестивали во светот , се здоби со високо реноме и светска афирмација.
Следејќи ги светските тенденции и искуства на фолклорот, Ансамблот „Орце Николов“ ги применува современи едукативни методи во изучувањето, обучувањето и зачувувањето на изворноста и автентичноста на фолклорното творештво, применувајќи современ сценски приказ во презентацијата. Мисијата на Ансамблите, како што е „Орце Николов“ е да ја зачуваат свежината и изворноста на фолклорот, зошто фолклорот не само што треба да се сака, тој треба и да се разбере, вели секретарот Сашо Кузаревски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.