Издавачката куќа „Антолог“ од Скопје го објави романот „Времиња на игра. Детство во Трансилванија“ од романскиот писател Клаудиу М. Флоријан. Романот е добитник на престижната Награда за литература на Европската Унија за 2016 година. Преводот на македонски е на Ермис Лафазановски.

Ова дело, опиено од мирисите на детските игри и на убавите спомени, ги опишува настаните поврзани со едно мешано германско-романско семејство што живее некаде близу градот Брашов во седумдесеттите години на XX век, видени и пренесени преку очите на едно шестгодишно дете.

Живеејќи помеѓу два различни менталитети, на германските Саси и на романските Олтенци, момченцето се обидува да ги опише и да ги разбере премрежињата низ кои минале неколку генерации од двете семејства, притоа опишувајќи ги парадоксите на различните идеологии, култури и религии конфронтирани на различни нивоа.

За него сите настани се само игри што ги играат, не само децата туку и возрасните, и тоа – во домот во кој живее, на улицата пред куќата, во маалото каде што го поминува времето.

Книгата е објавена со поддршка на програмата Креативна Европа на Европската Унија.

Клаудиу М. Флоријан (1969) е романски писател. Германскиот јазик и култура се негова потесна специјалност. Работел во Министерството за надворешни работи во родната држава, а потоа и како романски дипломатски претставник во Берлин, Германија, и во Берн, Швајцарија. Романот „Времиња на игра. Детство во Трансилванија“ првобитно е објавен на германски јазик.

Ермис Лафазановски е современ македонски раскажувач, романсиер, преведувач. Автор е на десетина книги и добитник е на неколку книжевни признанија. Преведува од романски јазик и досега има преведено дел од значајните современи романски автори, како што се Мирчеа Картареску, Дан Лунгу, Јоана Парвулеску, Џорџе Арион, Лучијан Дан Теодорович, Филип Флоријан.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.