Наградата „Златна ѕвезда“ за најдобар филм во официјалната селекција ја доби косовскиот филм „Улиште“ на Блерта Башоли на 20. издание на Меѓународниот фестивал на европски филм Синедејс кој вечерва завршува во Скопје.
Натпреварувачката програма на фестивалот ја следеше жири комисијата во состав, Славко Собин – актер, Зејнеп Атакан – продуцентка и Марисела Росети одговорна за наградата „Лукс“.
„Улиште“ е прекрасен филм и воодушевувачки начин на кој една вистинита приказна беше трансформирана на големо платно, со брилијантна, многу природна и лежерна глума“, посочи жирито во образложението.
Во „SEE програмата“, награда „Златно сонце“ за најдобар филм, пак, доби „Мир и хрмонија“ (It’s all about peace and harmony) од Несими Јетик, за кој жирито истакна:
Многу моќен женски филм, што е навистина пријатно да се погледне во овие времиња. Партнерството помеѓу трите актерки е нешто што толку ретко се гледа, изведено е со толку различна динамика, знаете – љубов и омраза и конфликт.
Вечерва (22 јули) на програмата на „Синедејс“, со почеток од 20:30 на POP UP локацијата кај езерце Градски парк ќе можат да се погледнат кратките македонски филмови: Deaflands, Farmer’s Blues, Прашливи Цвеќиња, Експертот, Afterparty, PAWLAW, Паразит, Влакна, Letting Go, Карантин, Ритамот на падот, Валцер за 1. мај, Тhe New Beginning.
Исто така, во 20:30 почнува и програмата на врв на Водно, каде ќе може да се погледне последниот дел од Еко програмата, селекција на Ехо фестивал на планински филм: „On Thin Ice“, во режија на Henry M. Mix и „Mountain, Priest, Son“, во режија на John Seddon и Vaibhav Kaul. По двете проекции, во 22 часот следува и филмот „Уште една тура“ на Томас Винтерберг.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.