Здружението на ликовни критичари АИКА Македонија ја додели наградата „Ладислав Баришиќ“ за 2019 година од областа на ликовната критика.

Комисијата на Здружението на ликовните критичари АИКА Македонија во состав Мира Гаќина (историчар на уметноста и куратор), Славчо Димитров (теоретичар на културата) и Бојана Јанева-Шемова (историчар на уметноста и куратор), по разгледувањето на повеќе доставени предлози донесе одлука наградата да му ја додели на Владимир Јанчевски за неговиот предлог истражувачки проект „Политички слики после смртта на уметноста: Фотомонтажните интервенции како релевантна политичка акција и нивната дисеминација во медиосферата“.

Наградата „Ладислав Баришиќ“ има за цел да понуди можност за промислување на третманот и позициите на ликовната критика денес и на критичкото пишување за појавите и тенденциите во современите визуелни уметности и теоријата на уметноста.

Владимир Јанчевски (1984 / Скопје) е самостоен истражувач кој живее и работи во Скопје. Паралелно работи во областа на современата уметност и визуелните студии. Негов предмет на интерес се проблемите и предизвиците на интердисциплинарното истражување, границите и вкрстувањето на уметничката практика и теоријата на сликите, потоа ангажираната уметност, интервенции во јавен простор и социополитички феномени, како и современите форми на цензура и иконокластички акти. Дипломирал на Институтот за историја на уметноста (Филозофски факултет, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје), каде што паралелно со постдипломските студии работел како демонстратор по предметите Современа уметност и Современа македонска уметност. Организирал повеќе самостојни и групни изложби. Во 2018 година поканет како ко-куратор на 12-тото Биенале на млади уметници во Музејот на современата уметност-Скопје. Учествувал на панел дискусии и одржал јавни предавања во Скопје (УГД-Штип/Музеј на Македонија, 2018; ФЛУ, 2018, 2016, 2015; СЦ Дуња, јули/септември 2017; Фестивал „Другаприказна“ МСУ, септември 2017), Битола (Фестивал за современи уметности АКТО 2013, 2014,2018), Струга (ДримОн, јули 2015), Фрајзинг/Минхен (Open Sysyems, јуни 2014) итн. Од 2011 година соработува со Центарот за визуелни студии – Скопје (дел од Европската мрежа за визуелна култура VCinE) и учествувал на неколку меѓународни конференции организирани од универзитети во Риека, Будимпешта, Клуж, Скопје и др. Како дел од јадрото на уметничката Иницијатива КООПЕРАЦИЈА (2012-2015), коорганизирал, кокурирал, модерирал и пишувал за петнаесетина интернационални настани, групни изложби, колаборативни проекти, предавања и јавни дискусии посветени на актуелни теми. Автор е на повеќе од 50 текстови за современата уметност, теоријата на сликата, како и текстови за современите визуелни уметници .

Доделувањето на наградата е финансиски овозможена со подршка од Министерството за култура и несебична донација на семејството Баришиќ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.