Надминување на уметноста, е изложба- курирана од ликовната уметница Ивана (Ивна) Самандова и историчарката на уметност Ангела Витановска – посветена на последиците што пандемијата која сѐ уште ја живееме, ги предизвика во уметноста и кај уметниците. Овој проект на почетокот беше содредоточен на културните активности надвор од Скопје, односно, предвидуваше патувања и дискусии со граѓаните за нивните доживувања на културата, за погледите и сфаќањата кои ги имаат во врска со современата уметност и за нивната можна улога на двигатели во обликувањето на овие искуства.

Пандемијата темелно го измести жариштето на дискусијата од опстанокот на уметноста и културата вон главниот град кон опстанок на самата уметност како категорија и установа. Ползувајќи се со дигиталните медиуми, како, на пример, видео или фотографија, Дарко Алексовски, Јасмина Руневска Тодоровска, Горан Ристовски, Ѓорѓе Јовановиќ, Ана Јовановска и Соња Ставрова ги понудија своите творби како прекршена глетка на општествениот, економскиот, политичкиот или психолошки пораз искусен во добата на Ковид-19. Овие уметници предложија специфичен обид за излевање на своите мисли во ликовен израз кој го одразува односот присуство-отсуство на уметникот, егзистенцијаната слабост и неизвесност, копнежот за бегство од „новата стварност“. Делата од поставката го посредуваат минатогодишното искуство на создавање уметност во изолација. Од своја страна, придружното издание на изложбата – во кое покрај есеите на кураторките застапени се и прилозите на Џон Блеквуд и Бојан Иванов – го отвора просторот засегнат од овие дела и повикува да придонесете кон тековната дебата.

Публикацијата е достапна на на македонски (https://drive.google.com/file/d/1Erg6_hpKjbipAD6Ckl7IMYlzFJZqUNqz/view) и на англиски јазик (https://drive.google.com/file/d/1Oz7ZQFvrxdjOerPypZfgxw0XIO5Gei6W/view ). Ве очекуваме во КСП Центар-Јадро на 09.10.2021 (сабота) во 20:00. Воедно, на 14.10.2021 (четврток) во 19:00, ќе имате можност да им се приклучите на кураторките и на уметниците на специјална онлајн дискусија на која домаќин е Јанка Вукмир од Институтот за современа уметност во Загреб, велат организаторите.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.