Националната опера и балет новата сезона ќе ја започне со нови музички инструменти и опрема за озвучување и осветлување, донација од грант на владата на Јапонија за поддршка на културата во износ од 663.000 евра.

Јапонскиот амбасадор Савада Хинорори во своето обраќање на македонски јазик истакна дека во рамките на Иницијативата за соработка со Западен Балкан, Јапонија е сериозно посветена во поддршката за Македонија кон одржлив економски и социјален развој, клучен за интеграцијата во Европската Унија. Тој посочи дека од 2001 година, ова е втор грант што Јапонија го доделува на Македонија во полето на културата, имплементиран од страна на ЏАЈКА.

Освен за подобар перформанс на Националната опера и балет, би сакал оваа културна размена да придонесе и за размена на уметници од двете земји, порача амбасадорот Савада.

Заблагодарувајќи се за донацијата, министерката за култура Ирена Стефоска посака што поскоро на сцената на НОБ да настапат нашите и јапонските уметници.

Претставникот на ЏАЈКА за овој регион Такеичи Џиро го изрази своето задоволство од оваа соработка со која се потврдува желбата за културна размена и поврзување.

Директорот на НОБ Васо Ристов се заблагодари на сите вклучени страни за успешната реализација на овој проект што претставувал голем предизвик за целиот тим, но отвара нови можности за соработка и унапредување на квалитетот на изведбите.

Грантот на владата на Јапонија за поддршка на културата – Проект за подобрување на музичките инструменти за Националната опера и балет се реализира во соработка со Јапонската организација за меѓународна соработка (ЏАЈКА) во рамки на програмата за културни грантови. Координацијата и испораката на оваа донација како странска помош беше спроведена преку Секретаријатот за европски прашања, заедно со Амбасадата на Јапонија во Македонија и Министерството за култура.

Јапонија во рамки на соработката со Македонија досега има донирано помош во износ над 420 милиони евра.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.