На Светскиот ден на тетарот актери од Струмичкиот театар побараа оставка од министерката за култура.
Со театарски перформанс во изведба на актери од драмскиот ансамбл при Струмичкиот театар, членови на Иницијативата „Култура или Фис-култура”, денеска од пред платото на НУЦК „Антон Панов”, откако ги прочитаа пораките од актерките Хелен Мирен и Сузан Акбелге по повод Светскиот ден на театарот, побараа оставка од министерката за култура, Ирена Стефоска.
Во барањето упатено до неа актерите конкретно посочија седум причини заради кои таа треба да си поднесе оставка. Тие сметат дека министерката ја жртвува културата водена од свои политичко-партиски и кариеристички цели.
Министерката не ја разбира улогата на уметноста, таа стана уште една цврста алка во практикувањето на повеќедецениско маргинализирање на културата и особено последните години со низа коруптивни елементи.Културата исчезнува од местата на кои се создава, исчезнува од образованието, во медиумите е присутна само преку скандали. Министерката првично се претстави како месија, а досега не направи ништо за развој на културата, напротив нема создавање нови уметнички вредности, а заштитата и презентацијата на културното наследство, исто така, продожува да ја снемува-Охрид, нашиот најголем културен бренд, сериозно оди во насока на загрозено културно и природно наследство од УНЕСКО, велат актерите.
Според нив, наместо ослободување на институциите во културата од политичко влијание, министерката спроведувала најгруба политичко-партиска окупација на институциите од културата.
Министерката не смееше да избира и да поставува партиски директори на институциите од културата, па тоа бил избор и на самиот премиер. Изборот на директори уште понагласено продолжува да се прави по партиски клуч и тоа не се однесува само на НУЦК “Антон Панов ” Струмица, посочија актерите.
Додадоа дека министерката не придонела културата да ѝ се вратела на самата фела. Тие ја обвинија дека дозволила во текстот на новиот Закон за култура целосно да се исфрли синтагмата „македонски јазик”.
На крај истакнаа дека Стефоска се ставила во одбрана на партизацијата и корупцијата и не ги почитувала ниту стратешките принципи на министерството, ниту професионалните, ниту етичките начела и затоа бараат итна и неотповиклива оставка од функцијата.
Настанот заврши со настап на групата „Дактили” од Струмица.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.