Издавачката куќа „Готен“ во рамки на проектот „Читајќи го Балканот“ организира претставување на словенечката писателка Весна Лемаиќ.
Претставувањето и разговорот ќе се одржи во петок, 14 мај, со почеток во 19:15 часот. Настанот е дел од четврото издание на фестивалот „АртАреа“, кој оваа година се одржува во кафе-книжарницата „Буква“. Модератор на разговорот и претставувањето ќе биде писателот Владимир Јанковски.

Весна Лемаиќ во текот на мај е гостин на резиденцијалната програма за писатели, која е дел од проектот „Читајќи го Балканот“. Во рамки на резиденцијалниот престој, Лемаиќ работи на својата нова книга, која во центарот на вниманието го има прашањето за стареењето и односот кон постарите лица. Преку релацијата на двата главни лика (дедото и неговата внука), авторката го истражува периодот од Втората светска војна, појавата на фашизмот, партизанското движење, состојбите во поранешна Југославија, национализмот, распаѓањето на државата, војните на Балканот и животот на генерацијата луѓе родени по 1980 година.

Весна Лемаиќ дипломирала компаративна книжевност. На книжевната сцена во Словенија дебитира во 2008 година со збирката раскази „Популарни случувања“. Оваа книга добива три книжевни награди во Словенија. Во 2010 година го објавува романот „Ѓубриште“, а во 2014 романот „Кокошки и птици“. Во 2018 година ја објавува збирката кратки раскази „Добре дојдовте“.
Нејзините раскази се вклучени во повеќе антологии, меѓу кои „Најдобра европска фикција“, „Разоткриени лица на слободата“, „Викај ме по моето име“, „Пристоен живот“.

Проектот „Читајќи го Балканот“ се реализира со поддршка на програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија и на европската мрежа за превод и книги Традуки.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.