Поради голем интерес за следење на Оскарите, покрај кино „Фросина“ го отвораме цело МКЦ. Оскарите ќе бидат проследени на повеќе екрани, ќе има видео бимови на неколку места. Сè уште има бесплатни билети за следење на Оскарите, кои може да се подигнат само и исклучиво на билетарницата на Младинскиот културен центар (МКЦ), изјави за „Република“ Русе Арсов, в.д. директор на МКЦ.
Откако беше соопштено дека македонскиот документарен филм „Медена земја“ на режисерското дуо Тамара Котевска и Љубомир Стефанов добија историски две номинации за Оскар, МКЦ одлучи да организира групно следење на церемонијата која ќе се одржи во недела. Поради големиот интерес, настанот ќе се гледа на неколку екрани низ цело МКЦ.
На целовечерното следење на Оскарите ќе има специјална програма со музички гости, чии имиња од МКЦ сè уште не ги откриваат, за да бидат изненадување. Ќе има проекција на филмови, црвен килим за гостите во Скопје.
Деведесет и второто доделување на престижните Оскари е закажано на 10 февруари во театарот Долби во Холивуд. Преносот почнува околу 2 часот пополноќ, според средноевропско време. Втора година по ред, церемонијата на доделување Оскари нема да има водител. Церемонијата телевизиски ќе се пренесува во повеќе од 225 земји низ светот.
МКЦ ги отвора вратите за посетителите во 23 часот.
Најмногу номинации за најпрестижната фичмска награда, вкупно 11, има филмот „Џокер” на Тод Филипс.
Македонскиот документарец „Медена земја“ е можен добитник на две престижни признанија од американската Академија на филмска наука и уметности.
Покрај „Џокер”, уште осум филмови се во трката за најдобро филмско остварување за 2019 година. Како најсериозен противкандидат на „Џокер” се спомнува „1917″ – филм на британскиот режисер Сем Мендез, што има вкупно 10 номинации. Оваа воена драма на овогодишното доделување на БАФТА наградите го освои признанието за најдобар филм и шест други одличија.
Меѓу главните фаворити за најпрестижното признание, е и носталгичната ода на Квентин Тарантино за последните денови на стариот Холивуд – „Беше еднаш во Холивуд”, со 10 номинации.
Јужнокорејскиот филм „Паразит” на режисерот Бонг Џун-Хо, има шест номинации.
„Ирецот“ на Мартин Скорсезе би можел да му донесе уште една награда за најдобар режисер, откако 2007 го доби Оскарот за филмот „Покојните”. Ова е, воедно, деветта номинација за Скорсезе во категоријата најдобар режисер.
Кога станува збор за поединечните признанија, скоро е извесно дека Рене Зелвегер и Хоакин Феникс ќе ги добијат наградите за најдобра глумица и глумец. Ако Феникс го освои Оскарот за најдобра машка главна улога годинава, тоа ќе биде вторпат ликот „Џокер” некому да му го донесе ова актерско признание, по она на Хит Леџер 2009 година.
Бред Пит, со улогата на каскадерот во „Беше еднаш во Холивуд”, е главен фаворит за најдобра машка споредна улога. Како и Пит, и Лора Дерн и досега ги освои сите престижни награди во категоријата за најдобра споредна глумица, за улогата на бракоразводна адвокатка во филмот „Брачна приказна”, поради што речиси и да нема сомнеж дека на 9 февруари, таа ќе отиде дома и со Оскарот.
„Брачна приказна” на Ноа Баумбах е огромен миленик на публиката и критичарите оваа сезона, но ќе се соочи со силна конкуренција во категоријата за најдобро оригинално сценарио, каде во трката се и филмовите „Беше еднаш во Холивуд”, чиј сценарист и режисер Квентин Тарантино е двоен победник во оваа категорија, како и „Ирецот”.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.