На конкуросот за наградата „Роман на годината“ штп ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културни вредности „Славко Јаневски“ пристигнале 40 романи, информираат од Фондацијата.

За добитникот на наградата ќе одлучува жири-комисијата која вчера се конституирала. Во жири-комисијата членуваат: Оливера Николова (минатогодишна лауреатка и претседателка на Комисијата), Зоран Анчевски, Калина Малеска, Живко Гроздановски и Катерина Богоева (претставник на Фондацијата). Жири-комисијата ќе направи неколку селекции од романите во конкуренција, а конечната одлука за добитникот мора да ја донесе најдоцна до 15 март годинава.

Наградениот роман ќе се закити со статуетка, плакета и награда во паричен износ од 150.000 денари. Наградата „Роман на годината“ чиј генерален покровител е „Комерцијална банка“ АД, Скопје, годинава се доделува по 22 пат.

„Песот со тажен поглед“ на писателката Оливера Николова е лауреатот на „Роман на годината“ за 2019 година, а Николова е и првата од досегашните добитници која оваа награда ја доби по вторпат, по наградата за романот „Куклите на Росица“ објавен во 2004 година.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.