Во Меѓународниот град на уметностите во Париз, Франција, од 10 јануари до 30 јуни е поставена големата изложба „Emersions: archive vivante“ („Повторно надвор: жива архива“), која содржи архивски материјали од богатата историја на оваа реномирана фондација која обединува уметници од целиот свет. На изложбата се застапени и фотографии на македонски резиденти, како и една фотографија од посета на претседателот Киро Глигоров на Ателјето, и уметничко дело од академскиот сликар Коле Манев, еден од многубројните македонски уметници кои во изминатите децении имале можност да престојуваат и да творат во популарното Ателје во Париз.

Во 2002 година Министерството за култура потпиша Договор за соработка со организацијата на Меѓународниот град на уметностите во Париз за следните 60 години. Таа година е основано и македонското Ателје, каде што продолжи континуираниот престој на македонските уметници кои дотогаш во Париз беа присутни преку ателјеата на поранешната Југославија.

Изложбата ја раскажува приказната за Меѓународниот град на уметностите во Париз од неговото основање. Застапени се архивски фотографии, сведоштва, документарни видеа од архивата на фондацијата, во која се претставиле над 30 000 уметници од целиот свет. Оваа изложба – конципирана на темата „Градот и Европа“ – е дел од долгорочниот проект на фондацијата, која предвидува и други две изложби.

Уште од основањето на Меѓународниот град на уметностите во Париз во 1965 година, голем број реномирани уметници од целиот свет учествуваат во програмите на Ателјето кои поттикнуваат меѓукултурен дијалог и обезбедуваат место каде што уметниците можат да остварат професионални контакти.

Во партнерство со 135 француски и меѓународни организации од над 60 земји, Ателјето пречекува повеќе од 300 уметници од различни уметнички области за резиденции што траат до 1 година.

На годишно ниво, по 6 ликовни или музички уметници од Република Македонија реализираат по 2-месечен престој во Париз, а во договор со управата на Меѓународниот град, може да се организираат и самостојни изложби на нашите уметници. Од 2002 година, над 90 етаблирани, но и млади уметници од Република Македонија имаат реализирано престој во Ателјето.

Престојот во Меѓународниот град на уметностите е драгоцена можност за промоција и афирмација на репродуктивни уметници од Република Македонија и на нивното творештво во меѓународни рамки. За сиве овие години, преку повеќемесечниот престој во центарот на европската уметност, македонските уметници, што е особено важно и од помладата генерација, остварија трајни пријателства, ширејќи ја светската култура во земјава и афирмирајќи го македонското творештво надвор.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.